Јас сум подготвен, доколку има обостран интерес, во секој момент да остварам билатерална средба, било овде, било таму, да се воспостави официјална меѓупарламентарна комуникација на највисоко ниво со новиот состав на бугарскиот Парламент со цел надминување на разликите кои што ги имаме по однос на определени прашања, во насока на деблокада на евроинтегративниот пат на земјата.

Ова го вели во интревју за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери запрашан постои ли можност за вклучување на Парламентот со иницијативи за соработка во насока на придонес за деблокада на евроинтеграциите на земјата како наша стратешка определба.

-Секогаш постои можност доколку има обострана подготвеност и волја за комуникација и за размена на она што би било односот и соработката. За жал, цела година таму немало ефективно Собрание. Во претходните состави, можам да кажам дека на парламентарно ниво односите ни беа одлични во комуникацијата меѓу нас како претседатели на парламенти. Секако, има простор во наредната година доколку има интерес, јас сум подготвен во секој момент да остварам билатерална средба било овде било таму, и да се воспостави таа официјална меѓупарламентарна комуникација на највисоко ниво. И како што реков, определени теми може да се отворат таму па да се дообјаснуват неофицијално во што е разликата во однос на размислувањата, а другите институции потоа тие работи да ги допрецизираат во смисла на она што би било правна рамка на надминување на разликите кои што ги имаме по однос на определени прашања, вели Џафери.

Тој при тоа ја нагласува важноста на дијалогот и комуникацијата како инструмент којшто конечно треба да овозможи надминување на разликите меѓу двете земји по однос на отворените прашања.

-Секако јас сум подготвен и треба да сме подготвени. Ние целиме да одиме во ЕУ, вредностите ни се европски без оглед на она што се согледувањата во моментов таму. Затоа треба дијалог, затоа треба комуникација за да се дообјаснуват до крај сите работи. Ако останува комуникацијата од дистанца и да се разговара преку ѕид, тогаш ефектот е тој што е, секој ќе се забарикадира во своите позиции и остануваме како што бевме останати со децении по однос на слични прашања. Затоа директната комуникација, затоа дијалогот е инструментот кој што конечно треба да доведе до надминување на она што е разлика по однос на прашања и се надевам на разбирање по однос на она што е индивидуалното и колективното чувство на граѓаните по односните прашања кои што ги засегаат. Така што јас сум подготвен на таква соработка, вели претседателот на Собранието.

Запрашан дали би иницирал таква средба со неговиот колега Никола Минчев, Џафери нагласува дека пред се, важно е таа да биде темелно подготвена и добро координирана со државниот врв за усогласеност на ставовите.

– Сега не е прашањето кој ќе ја иницира, може и да ја иницираме, но во секој случај таа треба да е искоординирана и соодветно подготвена, а не само да се оди, условно кажано на кафе пиење, па да раговаравме, туку соодветено да биде поткрепена со сите аргументи по однос на кои би се разговарало. И тоа е таа работа којашто ќе ја подготвиме. Секако по изборот на влада, ние ќе седнеме на таа тема, ќе се искоординираме со претседателот на државата и во секој случај, треба да излеземе со приближно еднакви ставови по истите прашања, да нема разногласие во однос на сфаќањата, на интерпретацијата на нештата. Така што таа работа не е само да се седне да се разговара, туку е потребна соодветна темелна подготовка за да може на тоа ниво и официјално да се вклучат парламентите во таа дискусија, смета претседателот на Парламентот Талат Џафери во интервјуто што МИА утре целосно ќе го објави.