Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска на прес конференција, по неговата посета на Украина, истакна дека земјата ќе добие различен вид на помош од Македонија, во зависност од потребите кои подоцна ќе бидат определени, а ако треба и воена.
„Секако дека како општа определба на државата да се подржува Украина и украинскиот народ, физичкото присуство значи лична и институцијална поддршка. Значи поддршка на напорите на институциите и на државата Украина да го врати мирот и контролата врз целата територија. Секако дека во рамки на она што се меѓудржавните обврски и можности, таа поддршка е повеќе повеќезначајна, но зависи од институциите овде по однос на тоа што ќе биде искажана потреба од самите украински институции. Конкретно може да се зборува и во финансиски, материјален и во хуманитарен аспект“, вели Џафери.
Тој вели дека тие се вклучени кон сите мерки кои се преземени од ЕУ и меѓународните заедници.
„Мислам дека како Собрание треба да размислиме по однос на дефинирање на состојбите во Украина, по однос на злоделата што се направени таму. И тоа во координација со другите чинители во државата да се иницира таква Декларација во Собранието“, додаде Џафери.
Џафери, како што истакна и во интервјуто за ТВ21, за своето патување ги известил премиерот Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.
„Зоната во која што се движевме беше надвор од воени дејствија и намерата беше да се видат на самото место последиците. Позитивен момент беше што луѓето се свесни што им се случува и работоспособните си одеа на работа, земјата е обработена и впечатокот е дека моралот и на ѓраѓаните и на институциите е на високо ниво“, вели Џафери за впечатоците од посетата.