Претседателот на Собранието Талат Џафери не го стави на дневен ред на седницата барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се расправа за измени на Законот за Влада, односно за укинувањето на Пржинската влада. Тој информираше дека сè уште предлог законот се преведува, но и дека чека консензус од политичките партии.

– Законот не е дистрибуиран до пратениците, се наоѓа на превод и мислам дека многу брзо ќе се преведе од службите. Мислам дека во догледно време другите субјекти кои што се изјасниле ќе се приклучат кон предлог на Законот за да има форма на основен закон кој што е донесен со консензус на 4-те најголеми политички партии 2016 година. Мислам дека во тој дух предлог на законот треба да ја има истата методологија и да не биде едностран – рече Џафери.

Мицевски не се согласи со ваквото образложение, бидејќи како што рече, се работи за бришење само на неколку члена. За најавата дека е можно укинувањето на техничката Влада да оди со потпис на сите пратенички групи, Мицевски ги повика да го направат тоа.

– Не е оправдание дека законот не е преведен затоа што се работи само за бришење на 9 одредби кои што се во него и истото тоа може да се направи за 5 минути доколку се сака. Меѓутоа, очигледно не беше интенција на денешната седница да се најде оваа точка. Јас можам да го поздравам само менувањето на ставот од страна на претседателот, се надевам дека ќе го следат и другите пратенички групи бидејќи после прес конференцијата што ја одржа ВМРО-ДПМНЕ изјаснувањето беше дека не е време дека треба да се менува овој закон и дека во 2024 пред изборите ќе се менувал – рече Мицевски.

Против предлогот за укинување на Пржинската влада се од опозициската Алијанса за Албанците. Според нив Пржинската влада не ја достигнала целта за која што се донесе и затоа се со став дека таа треба да остане.