Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска оствари средба со високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеф Борел Фонтел. На средбата присуствуваа и координаторите на пратеничките групи и претставниците на помалите политички партии во Собранието.
Од страна на Џафери, како што соопшти прес-службата на Собранието, беше искажано задоволството за реализацијата на посетата во моменти кога е повеќе од потребна јасна потврда на европската перспективна на земјата, имајќи ги предвид, како што кажа, тековните настани во Украина и одредени случувања во нашето соседство, кои покажуваат колку брзо може да се промени мирот и стабилноста и рапидно да се зголемат безбедносните, економските, енергетските и други предизвици на континентот.
Тој го информирал Борел за донесената Декларација во Собранието, со која најостро се осудуваат воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се повикуваат институциите на Република Северна Македонија да помогнат во обезбедување хуманитарна помош за бегалците од Украина.
Џафери се осврнал на исполнувањето на реформската агенда и надминувањето на отворените прашања со соседите во изминатите години, пред сè заради исполнување на стратешката определба на граѓаните за членство во Европската унија. Во таа насока, апелирал за што поскоро отпочнување на преговорите за членство за Република Северна Македонија.
Борел, посочуваат од собраниската прес-служба, искажал особено задоволство од реализацијата на средбата поради неговата долгогодишна историја во парламентаризмот и неговата претходна функција како претседател на Европскиот парламент. Како добар познавач на регионот и застапник за процесот на проширување, ги поздравил чекорите преземени за унапредување на евроинтеграцискиот пат и повикал на надминување на одредени прашања укажани од страна на Европската комисија, кои првенствено одат во прилог на националниот интерес, но и на членството во ЕУ.
Тој го пофалил конструктивниот пристап на новите влади во Скопје и Софија и ја потврдил заложбата и активниот ангажман на челниците во Европската унија за што поскоро отпочнување на преговорите за членство во Европската унија.
– Од страна на претставниците на пратеничките групи и помалите политички партии беше едногласно потврдена определбата за унапредување на европската интеграција на државата, беше пренесена намалената поддршка кај граѓаните за ЕУ и стравувањето за губење на кредибилитетот на ЕУ доколку состојбата не се промени, како и силната поддршка за граѓаните на Украина, нивното право на самоопределување во нејзините меѓународно признати граници, се вели во соопштението.