Согласно Годишниот извештај работата за 2024 година, Државниот инспекторат за животна средина, спровел 1.535 инспекциски надзори од кои 1.008 редовни, 247 вонредни и 280 контролни инспекциски надзори.
Како резултат на контролите, утврдени се 300 неправилности/законски повреди за кои се изготвени 300 решенија со кои се наредуваат или забрануваат одредени активности, односно се поведени постапки за санкционирање.
Реализирани се повеќе вонредни инспекциски увиди на територијата на целата држава на барање на Министерството за внатрешни работи во делот на управувањето со отпад, со цел сузбивање на нелегални дејствија при постапување со истиот. Контролите се реализирале во соработка со Царинската Управа, Државниот пазарен инспекторат и Управата за Јавни Приходи и други релевантни институции.
„Во текот на 2024 година добиени се вкупно 72 претставки од граѓаните по пат на достапните начини на комуникација – Фејсбук Месинџер и Веб-Пријави. Во однос на претходните два шестмесечни периоди од 2023 година бројот на претставките е намален, благодарение на превентивното постапување на инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина, во рамки на редовните планирани инспекциски надзори, односно редовното информирање на јавноста преку каналите за информирање за тоа за кој вид на проблем каде да се обраќаат.
Од вкупно примените 72 претставки, 3 биле наменети за инспекторите во ДИЖС, сите останати 69 претставки се однесувале на постапување на општинските/овластените инспектори за животна средина, како и на општинските/овластените комунални инспектори за комунални работи. Најчесто претставките се однесувале на управување со отпад, палење на отпад/стрништа на јавни површини, бучава од угостителски објекти, непријатна миризба од чување домашни животни, атмосферски канал, септичка јама и канализација“, посочуваат од ДИЖС.
ДИЖС, како што истакнуваат, има постапено по сите претставки со теренски инспекциски надзори, самостојно или координирано со овластен инспектор за животна средина од општините. Претставките што не биле во надлежност на ДИЖС, се препратени до соодветни институции или барателите се упатени каде да се обратат.
„Основна функција на Државниот инспекторат за животна средина е спроведување на инспекциски надзор во согласност со законските прописи и други правни акти со кои се регулирани прашања од сферата на заштитата на животната средина, природата и водостопанството. ДИЖС главно има надлежности над деградација на животната средина и медиумите, на правните субјекти што поседуваат А – Интегрирана еколошка дозвола и елаборати издадени од Министерството за животна средина и простопрно планирање, завршуваат од ДИЖС.