Португалскиот напаѓач Кристијано Роналдо ги изненади сите со својата одлука да го напушти Јувентус на самиот крај на летниот преоден рок.
Роналдо пристигна во Јувентус летото 2018 година од Реал Мадрид и имаше договор уште една година, а се очекуваше да остане член на Старата дама до крајот на оваа сезона.
Во текот на летото се шпекулираше дека Роналдо може да го напушти клубот, но откако ја започна новата сезона со Јувентус, многумина веруваа дека Португалецот ќе остане во клубот до истекот на неговиот договор.
Сепак, само неколку дена пред крајот на преодниот рок, Роналдо ги изненади сите со својата одлука да го напушти клубот. Тој разговараше со челниците на Јувентус и јасно им кажа дека сака да замине.
Роналдо на почетокот се поврзуваше со Манчестер Сити, но по жестоката реакција на навивачите на Јунајтед, се премисли и одлучи да се врати на „Олд Трафорд“ по 12 години.
За заминувањето на Роналдо за италијанските медиуми зборуваше и директорот на Јувентус, Федерико Черубини, кој призна дека биле изненадени во клубот кога најдобриот играч побарал трансфер.
„Тој не изненади затоа што не очекувавме дека ќе си замине кога сезоната веќе започна. Тој побара состанок и јасно ни кажа дека сака веднаш да го напушти клубот што не можевме да го спречиме“, рече Черубини.
Јувентус не успеа да донесе вистинска замена за Роналдо бидејќи немаше време до крајот на преодниот рок, а единствениот што пристигна беше Мојс Кин кој дојде од Евертон на позајмица.
„Го донесовме Кин од Евертон веднаш, но сакам да кажам дека тој не е замена за Роналдо, туку дел од новиот проект на клуб кој сака да продолжи да освојува трофеи“, заклучи Черубини.