Дигитализацијата на архивата на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија беше една од темите за кои стана збор при средбата на директорот на Фондот, Никола Мемов, со Мисијата на Светската банка предводена од Зоран Анушиќ и Мануела Софија Станкулеску, а е дел од СИАП-проектот и пензиската политика.
Беше речено дека во наредниот период ќе се интензивираат активностите за да може дигитализацијата на архивата да се реализира до средината на наредната 2026 година бидејќи е од особена важност за обезбедување квалитетна база на податоци за осигурениците и ќе придонесе во поефикасното работење на Фондот.
На состанокот стана збор и за статусот на актуарската единица, која треба да се воспостави во наредниот период, и за активностите потребни за заживување на целиот процес.
Мемов нагласи дека во најкус рок лицата што се дел од потребните обуки ќе продолжат со нив и ќе бидат вклучени во процесот на работа во Фондот со цел правење проекции и предвидувања за развојот на пензискиот систем во иднина.























