Директорот на Федералното биро за истраги, Кристофер Реј, денеска е на распит пред сенатскиот Одбор за правосудство, темата се настаните околу упадот во Капитолот на поддржувачите на експретседателот Доналд Трамп.
Едно од главните прашања околу кое се одвива распитот е какви напори прави ФБИ во сузбивање на насилството од страна на екстремните десничари во САД.
На 6 јануари 2020 година, толпа од стотици поддржувачи на Трамп упадна во Конгресот, за да ја спречи седницата со која се одвиваше потврдувањето на резултатите од претседателските избори, на кои победи Џо Бајден.
Министерството за правда против повеќе од 250 лица покрена различни кривични пријави, од заговор, до напад на припадници на безбедносните сили. Како резултат на нередите загинаа и пет луѓе.
Од уапсените, најмалку 18 осомничени се поврзани со екстремната десничарска организација „Горди момчиња“, а околу десетмина се од антивладината милитантна група „Чувари на заклетвата“.
ФБИ засега нема уапсено ниту еден осомничен за вклученост во убиството на Брајан Сикник, припадник на полицијата на Капитол, како и за изготвување импровизирани експлозивни направи што беа откриени во близина на главниот штаб на националните комитети на Републиканската и Демократската партија.