Вчера и денеска на армискиот полигон „Криволак,“ како и во седиштето на командата на Специјалната антитеростичка единица – Тигар, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на изведувањето на вежбовните активности на припадниците на единицата чие што реализирање беше организирано во рамки на повеќенеделната заедничка обука во која, покрај припадници на САЕ – Тигар, учествуваа и припадници од Баталјонот за специјални сили „Волци“ при Армијата на Република Северна Македонија, како и припадници на специјалните сили на Армијата на САД, познати како „Зелени Беретки“.

„Горди сме на професионалноста на нашите елитни единици, кои рамо до рамо со партнерите од Армијата на САД разменуваат искуства и знаења. Ова е уште една потврда за нивото на доверба и соработка што го имаме со нашите стратешки сојузници.”, истакна директорот Јанев, потенцирајќи дека оваа заедничка обука всушност е дел од пошироката програма за меѓународна соработка и зајакнување на интероперабилноста на специјалните сили, организирана со поддршка на Амбасадата на САД во РСМакедонија и Канцеларијата за регионална безбедност.

Според Јанев, станува збор за активности кои не само што го зајакнуваат капацитетот на безбедносните сили, туку ја унапредуваат и стратешката поврзаност меѓу институциите на двете земји.

Инаку, следната ваква обука веќе е во фаза на подготовка и ќе се реализира во текот на август 2025 година. Обуката ќе биде насочена кон напредни техники на противтерористичко делување, со фокус на планирање и изведба на сложени операции во услови на реални безбедносни закани.

Како што нагласи директорот Јанев, Министертвото за внатрешни работи останува посветено на изградба на стабилен, безбеден и отпорен систем на јавна безбедност, со јасна визија за иднината и партнерскиот пристап кон глобалните безбедносни предизвици.