Директорот на Бирото за јавна безбедност во Министесрвтвото за внатрешни работи (МВР), Александар Јанев, денеска учествуваше на планинарски марш со полициски службеници од СВР Тетово, извести МВР. Досега вакви маршови се oдржаа во Велес, Струмица и Битола.
„Во духот на соработката, заедништвото и искрената комуникација, заедно го градиме оној полициски идентитет кој значи блискост со граѓаните, одговорност кон задачата и сила која извира од заедничките вредности. Надвор од канцелариите и рутините, утрово низ заедничка активност со пешачење од околу 5 км низ тетовскиот регион имавме можност да го јакнеме тимскиот дух, но и – што е најважно – подлабоко да се дозапознаеме, да зборуваме отворено за предизвиците на теренот, за реалните проблеми со кои се соочуваме, и за начинот како уште повеќе да се доближиме до граѓаните од Тетовскиот регион. Полицијата не се мери само со акции и бројки. Таа се мери со довербата што ја има кај народот. А таа доверба се гради со постојано присуство, искрен дијалог и подготвеност да се биде со граѓаните – и кога е тешко, и кога е мирно.“, кажа на маршот директорот Јанев.
Директорот Јанев потенцираше дека градиме полиција која не се плаши да ги погледне проблемите во очи и што чекори напред со дигната глава – за стабилноста на државата, за безбедноста на граѓаните, и за достоинството на полициската професија.
„Македонија има полиција што се движи напред – тим по тим, регион по регион – со срце за народот и со сила за предизвиците. Градиме тимови што се потпираат еден на друг – мотивирани, дисциплинирани и посветени на заштита на секој граѓанин. Затоа што секоја лична победа е колективна сила, а секој ден е нова можност да станеме подобри – за себе, за колегите, и за Македонија.“, истакна на крај Јанев.