Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев од денеска и во наредните два дена во Атина, Грција, ја предводи делегацијата на македонското МВР на 52-та Европска регионална конференција на ICPO-INTERPOL тематски посветена на – Користењето на експертизата, капацитетите и ресурсите на ИНТЕРПОЛ за борба против употребата на нови технологии кои го подобруваат обемот и ефикасноста на транснационалниот сајбер криминал, информира МВР.
Во рамки на Конференцијата ќе бидат промовирани и презентирани неколку суштински препораки за земјите членки на Интерпол во борбата против употребата на нови технологии (на пр. вештачка интелигенција) како нови алатки во функционирањето на сајбер криминалот. Но и обезбедување експерти од областа на сајбер криминалот на GCEG на ИНТЕРПОЛ за олеснување на двонасочното споделување информации, за развојот на вештини и размена на експертиза, како и стратешки дискусии за критични теми поврзани со сајбер криминалот кои директно влијаат на капацитетот на земјите-членки за справување со сајбер криминалот, особено кога во тоа се инволвирани нови технологии.
Исто така една од битните препораки ќе биде развојот на прилагодени обуки и оперативна поддршка, како и активното учество и придонес во оперативните активности на ИНТЕРПОЛ за борба против сајбер криминалот, и тоа во области кои се идентификувани како посебни проблеми со сајбер криминалот, како што се „ransomware“, компромитирање на деловна е-пошта или онлајн измамите.
Во текот на првиот работен ден, на маргините на Конференцијата, директорот Јанев оствари билатерална средба со директорот на грчката полиција Димитриос Малос.
На средбата, меѓу другото беше разговарано за продлабочување на билатералната соработка во сите области, со акцент на борбата против организираниот криминал, а во насока на идентификување и сузбивање на криминалните групи кои делуваат во регионот. Исто така директорот Јанев ја истакна важноста од зајакнување на граничната соработка во насока на воспоставување на заеднички контакт центар, сузбивање на илегалната миграција и сите криминални активности кои се инфилтрираат преку оваа транзитна рута. Двајцата директори се заложија за интензивирање на заедничките средби и понатамошна дискусија на стратешко и оперативно ниво за поуспешен одговор на предизвиците со кои заедно се соочуваме, извести МВР.
Директорот Јанев нагласи дека македонската полиција е силен и доверлив партнер, којшто несомнено е рамо до рамо со сите европски партнери во ефективната борба против транснационалниот и сајбер криминал за чие што сузбивање е повеќе од неопходна цврстата меѓународна соработка и активното користење на сите ресурси на ИНТЕРПОЛ, се додава во соопштението.
Текстот Директорот на БЈБ, Јанев на Европска регионална конференција во Атина е превземен од МАКФАКС.