Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, во СВР Тетово оствари средба со раководството, на која детално беа разгледани сите околности и преземените мерки по вчерашниот вооружен инцидент, во кој беше одземен еден живот, а повредени беа четири лица.
„Сакам граѓаните на Тетово и регионот да знаат дека полицијата е целосно мобилизирана и посветена. Се преземаат активности за да се гарантира и испорача безбедноста. Нема да дозволиме стравот и насилството на поединци да ја нарушат секојдневната сигурност и мирот во заедницата. Истовремено, на сторителите и сите кои мислат дека со оружје можат да решаваат спорови и несогласувања им порачувам дека ќе бидат пронајдени, изведени пред лицето на правдата и санкционирани. Полицијата ги стави во функција сите потребни служби со цел да бидат фатени сите инволвирани во овој инцидент“, дециден беше директорот на БЈБ Јанев, додавајќи дека безбедноста е наша заедничка вредност.
„Ги повикувам сите граѓани на Тетово и насекаде низ државата да соработуваат со полицијата, да пријавуваат информации и заедно да изградиме средина во која нема место за криминал и насилство. Само заедно можеме да се спротивставиме на поединците и групите кои не споделуваат исти вредности со нас чесните“, истакна Јанев заклучувајќи дека Македонија и сите граѓани заслужуваат мир и спокој, а полицијата е тука за да го испорача.
Текстот Директорот на БЈБ од СВР Тетово: Нема да дозволиме насилството на поединци да ги нарушат сигурноста и мирот во заедницата е превземен од МАКФАКС.