Помошта што се подготвува во Конгресот на САД за развој на Западен Балкан е вредна околу четири милијарди долари, а е предвидена за економски реформи, потесна економска интеграција со ЕУ и заштита на културните разлики.

Advertisements

Доколку биде изгласана, Владата на САД ќе може да нуди техничка помош на државите кои треба да развијат национални стратегии за борба против корупцијата. Според информации на „Телма“ ТВ, овие пари со пропратните програми ќе се реализираат во текот на пет години.

“Справувањето со корупцијата е многу важен дел. А она што го прави легислативата е да го овласти државниот секретар (Ентони Блинкен) да обезбеди техничка помош на земјите кои бараат помош при адресирање на нивните предизвици со корупција, изјави сенаторката Џин Шахин, претседателка на поткомитетот за Европа и регионална безбедносна соработка, која минатата недела, заедно со уште шест ко-спонзори, двајца сенатори републиканци и четворица демократи”, го претстави предлог-законот за Западен Балкан.

Законот кој ги опфаќа сите шест држави од Западаниот Балкан – Македонија, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, дефинира конкретна ангажирање на САД во борбата против корупцијата преку техничка помош за развој на нови но и поддршка на веќе постоечките антикорупциски стратегии, но и преку обучување на институциите и агенции, судските иституции, како да бидат поефикасни, потранспарентни и поотчетни. Посебен пасус во американскиот Закон за Западниот Балкан е посветен и на и борбата против политичката корупција.

Освен институционалните капацитети на државите, САД директно ќе се инволвираат и во помагање на економски развој на регионот.

Во нацрт законот, кој на 2 август беше внесен на разгледување во Конгресот и допрва треба да помине во Сенатот и Претставничкиот дом, се вели дека доколку доколку биде изгласан „ќе им помогне на владите да развијат регулативи за да се обезбеди правична и ефикасна инвестиција и алатки за скрининг за да се идентификување и спречување на злонамерни инвестиции и други присилни економски практики“.

Регионалната инфраструктура е третата точка разработена во нацрт законот, со кој САД ќе ги помагаат и ќе им дадат приоритет на проектите како мостови, патишта, железница за меѓусебно поврзување на регионот, но и со соседните земји, како и развој на телекомуникациски мрежи од доверливи провајдери.

“Ефективната анализа на понудите и транспарентни процеси на набавки, програми за инвестициска транспарентност кои ќе им помогнат на земјите од Западен Балкан да ги анализираат празнините и да воспостават неопходни институционални и законски реформи”, стои во предлог законот.

За спроведување на запишаното предвидено е да се отвори регионална канцеларија на соодветните американската финансиски агенции за помош, се вели во текстот. „Телма“ објави дека Северна Македонија силно лобира таа да биде лоцирана кај нас. Според предлог-законот, канцеларијата би требало да биде оперативна најмногу за една година по усвојувањето на законот.

Со законот САД се инволвираат поинтензивно во процесите во регионот, а тој е обид да се намали руското влијание во шесте држави при што во наодите се констатира зависноста на земјите од регионот од рускиот гас што ги врзува нивните економии со Русија и ги инхибира нивните аспирации за европска интеграција.

“Намалување на зависноста на Западен Балкан од испораката на руски гас и фосилни горива е од национален интерс на САД”, стои во текстот.

Во нацрт-легислативата стои и дека САД ги признаваат јазиците на Западен Балкан и оти ќе продолжат да го поддржуваат културното наследство во регионот. А тоа ќе се изведува преку балкански иницијативи на млади лидери со доделување грантови.

Во изјавата за „Гласот на Америка“, Шахин истакна дека лидерите на Балканот треба да се фокусираат на интеграцијата во Европската Унија, и да не промовираат конфликт.

“Кога разговараме со луѓето на патувањето на крајот на април, и секогаш кога сум била во регионот во минатото, сум слушала од граѓаните во тие земји дека сакаат мир. Тие сакаат стабилност, сакаат да видат крај на конфликтот. Сакаат да имаат можности за себе и за своите семејства. И мојата порака до лидерите во Западен Балкан е да размислат што сакаат вашите граѓани. Размислете за иднината и за тоа што е добро за вашата земја. Патот напред е гледање кон демократијата, гледање кон интеграција со Европската Унија, со Западот и не со продолжување на промоција на конфликтот што во минатото беше толку катастрофален за нивните граѓани”, рече таа.

Шахин вели дека предлог-легислативата има цел да обезбеди економски напредок и да ја охрабри трговијата на Западен Балкан, не само со САД, туку и со Европа. Тоа е предвидено и преку вклучување во Европската иницијатива за демократска издржливост промовирана од американскиот претседател Џо Бајден на крајот од март по инвазијата на Русија врз Украина, со буџет од 320 милиони долари.

Освен тоа, интересот на САД, како што е наведено во законот, е намалување на корупцијата и сиромаштијата во регионот, борбата со дезинформациите како закана за демократските институции при што се наведува дека корупцијата и дезинформациите се шират во политички средини обележани со автократска контрола или партизирани конфликт. САД како што се наведува на самиот почеток од предлог-законот има интерес од стабилен и економски просперитетн регион, кој, како што стои е во срцето на Европа.