Германскиот третолигаш Динамо Дрезден продаде дури 72.112 влезници за натпреварот од второто коло во националниот куп против Дармштад, одигран во вторникот пред празни трибини на стадионот „Venue Rudolf-Harbig“.
Поранешниот првак на некогашна Источна Германија им понуди на своите навивачи таканаречени „„влезници за духови“ по цена од пет евра со цел да му помогнат на клубот да се справи со финансиските загуби поврзани со пандемијата на коронавирус.
Раководството на Динамо се надеваше дека ќе бидат продадени околу 30.000 влезници, а вкупната заработка од продадените над 70.000 влезници изнесува 340.560 евра.
Клубот соопшти дека влезниците биле продадени во повеќе од 30 држави ширум светот, вклучувајќи ја и Австралија.
-Ова беше неверојатна акција. Им симнуваме капа на нашите навивачи. Никогаш не сум видел ништо слично на ова, изјави на клупскиот сајт, напаѓачот на Динамо Дрезден, Патрик Вејхрух.
-Многу пари во време без приходи од публика. Драги навивачи на Динамо, ви благодариме на неверојатната поддршка“, напиша клубот на својот твитер профил.
Динамо Дрезден го загуби натпреварот со 3:0. (МИА)