Денеска во рамки на проектот CHANGE се одржа Воведна сесија за справување со насилството врз жените во политиката со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и ОДИХР.

Учесници на настанот се претставници на ОБСЕ, ОДИХР, пратеници и претставници од службата на Собранието.

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска имаше чест да ја отвори воведната сесија заедно со Сузан Пенкса, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Јулија Нетесова, раководител на одделението за демократско владеење и родови прашања и Сања Николин, претставник на проектот CHANGE.

Во своето обраќање Димовска, ја истакна важноста од адресирање на оваа исклучително значајна тема, особено затоа што жените кои активно учествуваат во политичкиот живот, често се изложени на различни форми на насилство. Се соочуваат со закани, навреди и деградирање, особено во онлајн просторот, но и за време на јавни настапи. За жал насилството врз жените во политиката често пати поминува незабележано и несанкционирано, што секако дека влијае на нивната одлучност да продолжат со политичко ангажирање.

Димовска додаде дека како општество, имаме одговорност да создадеме услови во кои жените можат слободно и безбедно да учествуваат во политичкиот живот. Потребна ни е силна политичка волја за да ги заштитиме жените и да ги охрабриме да бидат активни учесници во нашето општество.

Насилството конкретно врз пратеничките во Собранието е сериозен проблем кој не само што го загрозува интегритетот на институцијата, туку и основните принципи на демократијата и равноправноста. Парламентите мора да бидат институции за пример и работно место каде што жените и мажите можат еднакво да ги извршуваат своите претставнички должности.

Со ратификацијата на Истанбулската конвенција во декември 2017 година, Собранието се обврза да превземе законодавни и други мерки заради обезбедување на правна, институционална и организациска рамка за превенција на насилството врз жените, заштита на жртвите на насилство, како и казнување на сторителите на насилство. Следствено на ова се направија многу законски измени, вклучувајќи и измени во Кривичниот закон.

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратеничките во континуитет одржуваат настани за понатамошно унапредување на правата на жените.

Собранието и понатаму останува посветено да работи на оваа тема и да ја следи имплементацијата и преку своите механизми да врши надзор врз севкупното законодавство и политики за радово базирано насилство, во согласност со принципите на Истанбулската конвенција.

На крај, генералната секретарка на Собранието истакна дека справувањето со насилството врз жените во политиката не е само прашање на правата на жените, туку и на подобрување на демократските процеси и зајакнување на општеството во целина. Со заеднички напори можеме да создадеме услови во кои жените ќе можат слободно и безбедно да учествуваат во политичкиот живот. Жените во политиката се неопходни за создавање на политики кои ќе ги одразуваат потребите на сите граѓани.