Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров го поздрави усвојувањето на Извештајот на Република Северна Македонија, но изрази жалење што не помина амандманот на Зелените и Социјалистите во врска со непримерно и провокативно однесување на бугарските власти кон земјава.
Амандманот преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Северна Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.
– Сакам да го поздравам усвојувањето на Резолуцијата на ЕП со големо мнозинство, вклучувајќи го и компромисот кој е постигнат околу вордингот за пристапувањето дека билатералните прашања не смеаат да бидат користени за блокирање на пристапниот процес. Но не можам да избегнам да не ги спомнам некои од амандманите за кои се гласаше денеска. Сакам да изразам жалење и разочараност што беа усвоени амандманите 3 и 4 поднесени од ЕПП-групата, и би сакаал да изразам жалење што амандманот 2 поднесен од Белка, Пицула, Фајон и Шидер не доби поддршка од мнозинството, рече Димитров во обраќањето на 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Северна Македонија и ЕУ.
Едниот амандман на ЕПП се однесуваше на одлуката на ЕП дека претходните препораки за недискриминација на луѓе кои отворено изјаснуваат дека се со бугарски припадност или потекло, не се имплементирани и сè уште е проблем да се каже дека имаат нешто заедничко со Бугарија. Другиот, како што изјави, бугарскиот европратеник од ЕПП Андреј Ковачев инсистира на „историско помирување засновано заедничка бугарска историја, како што е запишано во Договорот за пријателство и добрососедство“.