Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров синоќа во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 го искритикува еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји дека бил повеќе наклонет кон бугарските линии во спорот поради кои Македонија не може да ги започне преговорите со ЕУ.
Вархеју изминатите денови беше во посета на Софија. Во рамките на неговата турнеја низ регионот која ги опфаќа и Хрватска, Бугарија и Албанија, денеска ќе престојува во Скопје.
– Имаме комесар кој што помалку да беше вклучен во прашањево, помалку да ни помагаше, веројатно полесно ќе го решевме (проблемот). Можеби ќе беше затворен за време на германското претседателство. Одмагаше затоа што ставаше паралелни предлози со Берлин, различни, кои што беа повеќе на линија кон бугарските позиции, а при тоа неговите предлози немаа поддршка од многу земји-членки. И од најважните и од најголемите. И на тој начин ги компромитираше предлозите на претседателството. Тоа се случи и со Германија, тоа се повтори и со Португалија.
Според мене, за жал, тој имаше една негативна улога за нас, што е неверојатен парадокс, бидејќи по дефиниција, комесарот за проширувањетреба да е нашиот најдобар пријател, рече поранешниот министер за надворешни работи.
Според Димитров, за Вархеји имало написи дека го разубавувал извештајот за Србија, а за македонско-бугарското прашање бил премногу свртен кон Софија. Вели дека Вархеји преговарал дел од билатералните прашања да влезат во преговарачката рамка за Македонија и тоа ги поттикнало расправиите.
– Наместо да се вклучи во функција да помогне, јас имав со него невидени расправии на сите елементи од прашањето, додаде тој.