Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров е уверен во, како што вели, историското значење на Преспанскиот договор бидејќи отвори можност за соработка меѓу двете држави, што е инвестиција во стабилноста.
–Ние сме соседи и верувам дека долгорочно е многу важно соседите да ти се пријатели и поддржувачи. Се отклучи нашиот влез во НАТО, што е важно и ѝ дава сила на нашата земја, во еден регион што не е сосема „среден“. Тоа беше и еден чекор кон нашите преговори со ЕУ. Се отвори нова страница за соработка. Сега премиерите Заев и Мицотакис разговараа за големи проекти особено во областа на енергијата. Грција е многу важен трговски партнер и во Северна Македонија имаме големи грчки инвестиции. Уверен сум дека Договорот беше историски. Ќе бидат потребни години со цел да ја увидиме потребната историска дистанца за да го утврдиме неговото историско значење. Но, историјата ќе покаже дека бевме во право. Немам никаква дилема во тоа. Обично кога зборуваме за Преспанскиот договор се мисли на решавањето на проблемот со името. Но, договорот има и друга димензија што се однесува на јакнењето на соработката во сите области. И тоа беше инвестиција во стабилноста на регионот, вели Димитров во интервју за вчерашното издание на грчкиот дневен весник „Та Неа“.
Вицепремиерот во интервјуто нагласува дека е многу важно знамето на Европската Унија да го опфати и Западниот Балкан, бидејќи тоа е прашање на заокружување на процесот на обединување на Европа.
-Не мислам дека Европа може да биде обединета без еден регион кој е во рамки на нејзините граници. Луѓето во Западна Европа обично кога зборуваат за Западниот Балкан сметаат дека тоа е регион што се граничи со Европа, но во реалноста тоа е регион што е опкружен со земји-членки на ЕУ. Нашата географија, нашата економија е дел од Европа. И Западниот Балкан и Европа ќе бидат подобри ако знамето на ЕУ го покрие и овој регион. Имаме заеднички интереси во областа на безбедноста и тоа не се ограничува само на безбедноста на Балканот, туку и на безбедносните ризици во Европа, потенцира тој.
Во тој контекст, тој се осврнува и на важноста на европската перспектива на Северна Македонија, која, како што вели, е тест за кредибилитетот на ЕУ.