Откако на прес-конференција во средата вицепремиерот во заминување, Никола Димитров, кажа дека нема доверба во шефот на дипломатијата Бујар Османи во однос на градењето на ставовите во преговорите со Бугарија, во емисијата 360° на Алсат ТВ тој рече дека тоа го темели на две работи: лично сведоштво од состаноците за координација и од информации добиени од министри и амбасадори на земји членки на ЕУ.
„Мојата проценка се темели на лично сведоштво на искажани ставови и во рамките на внатрешната координација, а и на информации што ги добивам од министри и амбасадори на земји членки на ЕУ. Мислам дека ќе биде нечесно ако во името на некакви колегијални односи за толку крупно прашање, јас мојата проценка не ја споделам јавно, во ситуација кога нема да бидам таму за да можам самиот да го носам тоа гајле, бидејќи работата на интерна координација кога ќе дојде во таа мера кулминирачка за човек за да обезбеди тоа што мисли дека е преважно да каже: ’луѓе ако сакате да одите вон ова ќе мора да одите без мене, не можам да бидам дел од ова, додека сум јас на оваа маса за ова не може да се разговара‘. Оттаму ми се мене елементите и оценката. Настапите во јавноста се една работа, тоа што се случува зад сцената е друга работа. Меѓу другото, тој и во јавност имаше изјава кога кажа мислам дека Бугарија веќе не оди кон идентитетските прашања, а приговорот на Бугарија кон македонскиот јазик во преговарачката рамка до ден денес, за жал, не е симнат. Нема јасен сигнал од таа страна дека се свесни дека без таа работа нема договор“, рече Димитров.