Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска заедно со Михаела Матуела од Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и проширување, надлежна за Северна Македонија и Албанија, копретседаваше со годишниот состанок на Заедничкиот мониторинг комитет, како највисоко тело во рамки на користењето на ИПА фондовите.
Како што соопшти СЕП, со цел да се направи преглед на спроведувањето на средствата алоцирани преку ИПА, вицепремиерот Димитров нагласи дека наодите од Извештајот на Еврокомисијата за Северна Македонија ќе се користат како референтна точка за рационализирање и управување со реформите кои произлегуваат од европската агенда за да ги обезбедиме европските стандарди за нашите граѓани преку ЕУ фондовите.
– Потребен ни е фокус и акција, досегашното искуство и предизвиците да ги искористиме како катализатор за да создадеме појасна слика за нашите следни чекори и да одиме одлучно напред. Искрениот, партнерски пристап и подобрувањето на координацијата во спроведувањето на ИПА се клучните предуслови за постигнување на заедничките цели, рече Димитров.
Покрај прегледот на генералното спроведување на ИПА, на состанокот се дискутираа и конкретните проекти со посебен акцент на областите како заштита на животната средина, транспортната инфраструктура кои бараат значителни инвестиции, како и регионалните политики и координацијата на структурните инструменти во рамки на Поглавјето 22.
Со оглед на потребата од воспоставена институционална рамка и соодветен административен капацитет за програмирање, спроведување, мониторинг и евалуација на фондовите, беа нагласени заложбите за унапредување на ИПА структурата во националните институции. Беше разгледано и функционирањето на секторските мониторинг комитети како инклузивни механизми за насочување на политиките и програмите на секторско ниво.
На шестиот по ред состанок присуствуваа претставници од државните институции кои спроведуваат ИПА фондови, претставници на Делегацијата на ЕУ, претставници на секторските работни групи и на донаторите кои се активни во земјата и граѓански организации. Претставниците на Европската комисија ја поздравија посветеноста за соодветно искористување на ИПА средствата со цел постигнување на суштински реформи во интерес на граѓаните, стои во соопштението на СЕП.
Беа усвоени заеднички заклучоци кои ќе придонесат кон надминување на предизвиците и отворените прашања, при што Секретаријатот за европски прашања редовно ќе го следи исполнувањето на овие заклучоци и препораки во утврдените рокови.