– Нашата позиција се темели на кристално јасен принцип – македонски народ, македонски јазик, тоа се прашања што се прашања за нас, за нашиот народ, еден интимен простор, внатрешно прашање и во меѓународните односи, во меѓународното право овие прашања не се предмет на признавање или непризнавање, вели вицепремиерот за европски прашања во интервју за Радио Слободна Европа.
Димитров потенцира дека во предлогот кој што го донеле еврокомесарот за проширување Вархеи и МНР на Португалија, Силва, која е земја претседавач со ЕУ, се гарантира македонскиот идентитет.
-Се признаваат држави, се признаваат влади, но ова е израз на сувереното право на самоопределување. Ќе биде невозможно ако без оваа елементарна почит, која многу легитимно ја очекуваме од сите наши комшии, без таква елементарна почит многу е тешко да работите на создавање пријателство. Ако македонскиот народ се чувствува загрозен во ова базично право, тоа не е инвестиција во пријателство, туку ќе се зголемува јазот и ние ќе бидеме и ќе останеме во ровови на некој начин, порача Димитров.
Како што вели тој политичарите треба да си тераат политика, а комисијата историја. Секој притисок врз мешовитата комисија од било која страна би бил контрапродуктивен според Димитров.