Евентуалниот неуспех на ЕУ во постигнувањето консензус за почнување на преговорите со Северна Македонија ќе има регионални импликации и затоа е неопходен одлучен и навремен исчекор на евроинтегративниот пат со што ќе се даде нова искра на политиката на проширувањето, се согласија на денешната средба вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и претседателот на Република Словенија Борут Пахор.
Со оваа средба на која во пријателска и непосредна атмосфера беа разменети мислења за актуелните состојби во регионот, Димитров ја заокружи официјалната посета на Љубљана.
Како што соопшти СЕП, Пахор го информирал Димитров дека своите заложби и поддршката на европската перспектива на Северна Македонија ќе ги реафирмира на претстојниот Брдо Бриони Самит.