Поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров во изјава за „Фокус“ вели дека во овие моментив на државата е потребна нова општествена сила. Како што вели тој, во оваа длабока криза на немање доверба во системот, на безнадежност, на немање избор, нацијата има огромна потреба од нова општествена сила што ќе се бори против партизацијата и што ќе ги турка партиите таму каде што им е местото.
Еве што друго вели Димитров.
Мора да најдеме сили и енергија да се здружиме околу визија и принципи, како противтежа на оваа “дуќан” политика, ова здружување низ призмата за вработување, пари, услуги или привилегии.
Во македонскиот црно-бел политички свет, никогаш или ретко се зборува за решенија, а пречесто политиката е сведена на обични меѓусебни навреди и етикети.
Мораме како народ, како генерација граѓанство, да се соочиме со фактот дека во 31 година независност главно одиме назад. Видете ги проблемите во образованието, во поредокот, во урбанизмот, во здравството, во нееднаквоста, во феноменот растечката администрација да не може редовно да ги сервисира потребите на граѓаните и бизнисите без “некој” да се јави или да “подмачка”.
Затоа, немам никаква дилема дека итно ни треба нова страница. Не нов “дуќан”, туку вистинска сила што ќе се бори за политиката како мисија и визија. Зад една таква преродбеничка сила како граѓанин секогаш ќе застанам, без разлика дали тоа ќе биде преку директен личен ангажман или како поддршка.
Инаку, залудни ни се надежите дека некој друг ќе ни ја заврши работата. Гледам често се злоупотребува европската приказна во таа насока, дека ништо не можеме без преговорите.
Точно, преговорите се незаменлива алатка за реформирање на земјата, ама таман и да имаме вистински отворен пристапен процес со ЕУ, таман и да имаме една добрососедска Бугарија која целосно ќе помага на патот (а ништо од ова немаме), нашата Македонија нема никогаш да ја оправиме ако не најдеме сили да ја вратиме изгубената волја и да се соочиме со проблемите, еден по еден.
Оти, преговорите ги водат луѓе. И колку тие ќе бидат успешни или не ќе зависи токму од тоа како вклучените ја разбираат политиката – како дуќанче за купување и продавање на лични и партиски интереси или како поле за садење и жнеење на граѓански и општествен напредок.