Северна Македонија докажа дека силно го застапува европскиот наратив на вредности и е стабилен партнер на европската сцена што придонесува за добросостојбата на регионот, изјави денеска во Берлин вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на средбата со првиот човек на Фондацијата „Фридрих Еберт“ и поранешен претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц.
– Вложивме сериозен политички капитал врз основа на европското ветување, време е вниманието и енергијата да ги насочиме кон процесот на европеизација и исполнување на очекувањата на граѓаните. Ако ЕУ конечно ја поддржи македонската приказна и огромниот влог на ова прашање што се пресликува во целиот регион, тогаш Унијата ќе покаже дека е сила што влече за добро, нагласи Димитров.
Шулц ја нагласи важноста на Преспанскиот договор во контекст на одговорноста за обезбедување мир и стабилност на регионот и пошироко, заедно со очигледниот демократски напредок што Северна Македонија го постигна во последните години и приближувањето кон споделените вредности.
Според него, натамошното одложување на почетокот на пристапните преговори со ЕУ поради блокадата од Бугарија е непристојно и опасно за стабилноста на регионот и европската визија, при што поддршката за ова прашање ќе биде и понатаму манифестирана преку активностите на Фондацијата и неговиот личен ангажман.