Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, денеска од Белград порача дека нема ризик Северна Македонија да ја напушти иницијативата „Отворен Балкан“, ако дојде до промена на власта.

-Ако ги погледнеме резултатите од локалните избори во Северна Македонија, партиите од владејачката коалиција освоија повеќе гласови од опозицијата. Хипотетички тоа говори дека повеќето македонски граѓани сакаат да одат напред – а тоа подразбира градење на добри меѓусоседски односи и регионална соработка“, вели Димитров. Тој смета дека волјата на граѓаните, без оглед на тоа кој ќе дојде на власт, е земјата да оди напред, кон европеизација, блиска економска соработка со соседите. „Така што не гледам никаков ризик дека Северна Македонија може да излезе од иницијативата, важно е за развојот на нашата земја да остане дел од оваа иницијатива“, дециден е Димитров.

Тој денеска учествуваше на средбата во Белград, откако премиерот Зоран Заев поднесе оставка на премиерската позиција. Вели дека регионалната соработка е мудар, прав и европски избор. „Во сложена ситуација сме, но оваа иницијатива е многу важна и не можеме да си дозволиме да бидеме отсутни од оваа средба“, потенцираше Димитров на најновата средба на иницијативата „Отворен Балкан“, во која учествуваат и Србија и Албанија.