Политиката на проширување со земјите од Западниот Балкан е од особена важност за адресирање на прашањата кои ја засегаат иднината на Европа, потенцираше вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој попладнево во Солун, се обрати на специјалната дискусија за европската перспектива на регионот „Западниот Балкан учествува во дијалогот за иднината на Европа“, иницирана од страна на грчкото МНР како дел од Конференцијата за иднината на Европа.
-Главниот фокус на дискусијата беше ставен на важноста од вклучување на земјите и граѓаните од регионот во делиберативниот процес за иднината на Европа со цел заеднички придонес во дефинирањето на приоритетите на европската интеграција, соопшти МНР.
-Токму во Солун пред 18 години Европската Унија даде ветување за европска иднина на Западниот Балкан, како израз на геополитичката посветеност за комплетирање на Европа. Неисполнувањето на ова ветување има сериозни последици врз довербата на земјите од регионот, но и кон граѓаните и навистина е тешко да се одржи европскиот наратив. Евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија е особено драстичен случај, тоа што ЕУ сé уште не е во состојба да ја спроведе минатогодишната одлука за почеток на пристапни преговори зборува многу и за предизвиците и проблемите со кои се соочува Унијата, рече Димитров.
Во тој контекст, Димитров посочи дека учеството на земјите и граѓаните од регионот во Конференцијата за иднината на Европа носи големи придобивки за сите страни во процесот како можност за обновување на заемната доверба и обединување во однос на приоритетните прашања.
-Се соочуваме со различни предизвици кои имаат глобална природа и чие справување налага заеднички одговор. Поврзаноста на Западниот Балкан со ЕУ не е само географска, овој регион има посебна важност кога станува збор за стабилноста на Европа така што пристапување на регионот не може да се третира како засебно прашање. Навистина е потребен конкретен исчекор, настрана сите дадени ветувања и зборови содржани во различни стратегии и изјави. Иднината на Европа им припаѓа на младите и наша задача е тоа да го исполниме што е можно побрзо бидејќи изгубивме многу време, рече Димитров.
На настанот организиран од алтернативниот грчки министер Милтиадис Варвициотис, учествуваа и министрите за европски и надворешни работи од регионот, како и евророкомесарот Вархеји и словенечкиот претставник на претседателство со Советот на ЕУ Гашпер Довжан, при што, наведуваат од МНР, беше испратен силен и јасен сигнал за потребата од напредок во процесот на проширување.