Крајно време е Европската Унија да испорача кон Северна Македонија, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови. Крајно време е за добри вести и прогрес по европскиот пат за целиот регион, рече вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров кој на покана на австриската министерка Каролине Едштадлер денеска во Виена учествуваше на Самитот за Западен Балкан, на ниво на министри за европски прашања како надополнување на пленарната сесија на шефовите на влади организирана од австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Според Димитров, новата методологија за пристапни преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати и на ЕУ,
-Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни, истакна вицепремиерот.