Не е в ред секое заболување од коронавирусот да се смета за професионално заболување, изјави денеска претседателот на Организација на работодавачите, Ангел Димитров одговарајќи на новинарско прашање за барањето на ССМ за прогласување на Ковид-19 за професионално заболување.

Advertisements

– Треба да се направи анализа за кои работни места оваа болест може да се смета за професионално заболување. За здравствените работници со право може да се постави тоа прашање, бидејќи се изложени на коронавирусот, рече Димитров.

Но, за останатите работници, според него, не може по автоматизам Ковид-19 да се смета за професионално заболување, доколку тие се разболеле дома или дружејќи се со други лица, а не на работното место.

Тој смета дека треба по суштински да се разговара на оваа тема, а не само да се изнесуваат популистички барања, бидејќи дел од овие прашање веќе се регулирани со Законот за здравствено осигурување.

– Може да се размислува за таа тема, да се слушнат сите мислења и на крајот да се предложи законско решение, додаде Димитров.