Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров вечерва преку Фејсбук статус му се спротивстави на премиерот Димитар Ковачевски за неговата изјава дека сите земји членки на ЕУ ја оправдувале уцената на Бугарија со историјата.
-Изјавата на Ковачевски е во најмала рака невнимателна. Но, исто така може да биде и опасна и лесно да биде злоупотребена како притисок токму врз македонските позиции.
Оти оди на линија на Радев, кој упорно пласира вакви тези веројатно терајќи домашна политика со прашањето.
Конечно, македонската влада и дипломатија мора повторно да се разбуди и да продолжи да ги разобличува анахроните обиди и аргументи за разнебитување на македонскиот идентитет што речиси целосно се поклопуваат со рускиот наратив за Украинците, без разлика што тоа можеби нема да им се допаѓа на носителите на оваа политика во Софија.
Бидејќи “пријателство” изградено на криви основи, едноставно нема да опстои, пишува Димитров.
Тој додава дека Бугарија има подобра преговарачка позиција бидејќи е земја членка, но токму затоа не смееме да престанеме да потсетуваме дека на наша страна се принципите, европските вредности и меѓународното право.
-И да се бориме за нив. И да бараме помош кај другите земји членки бидејќи се бориме и за образот на Унијата. А не да се навлекуваме на бугарските тези дека поведението им е прифатено и поддржано.
Па ние ќе се срамиме и ќе се стегаме гласно да викнеме дека ни се газат основните права и достоинство? Или ќе направиме Радев да се срами кога вели дека ЕУ не смеела да го “легитимира македонизмот”?“, прашува Димитров.