Изборот во недела е јасен. Куманово мора да има континуитет и да продолжи по истиот пат. Проблеми имало и ќе има, но јас како градоначалник ви давам збор – заедно со мојот тим и со Советот на општината со посветена работа ќе ги решаваме без да застанеме и само во интерес на граѓаните, порача вчера од граѓанскиот собир во кумановската населба Гоце Делчев, кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ –За наша Македонија, Максим Димитриевски.

„За разлика од другиот кандидат кој се залага за ред, а на кого му дадов мандат во јавното претпријатие да направи ред, тој го остави без ред и нема една шајка заковано. Јас Куманово од најзадолжена општина со над 15 милиони евра, воведов ред во работењето и ја направив финансиски најстабилна. Ред не се прави со трчање и џогирање. Ред се прави со работа и со излегување во пресрет на луѓето. Да им кажеш јасно и децидно – овој проблем може да се реши веднаш, а другиот не може веднаш и да им дадеш рок до кога ќе се разреши. А, не да даваме лажна слика дека ќе направиме се. Па не живееме во Кувајт, не лежиме на нафта, туку живееме во скромна, но горда Македонија“, рече Димитриевски.

Тој ги увери жителите на населбата дека е еден од нив, дека тоа досега со работа многу пати и го покажал и докажал, за разлика од другите, како што ги нарече, мамини и татини синови кои сметат дека функциите им припаѓаат по наследство. Повика на обединување на сите граѓани во недела масовно да гласаат сите за број 2 и да го направат Куманово најперспективно место за живеење и најголем логистички центар на Балканот, што ќе го направи заедно со Премиерот Христијан Мицкоски – со кого успешно соработуваат и носат решенија како парнтери во Владата.

На присутните, меѓу кои симпатизери и подржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, симпатизери и подржувачи на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, како и многу други локални жители, им се обрати и пратеникот од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Бране Петрушевски, кој им посочи на присутните дека во Куманово во недела има два избора – од кои едниот значи враќање назад со политиките на Оливер Спасовски и неговите „пајташи“ кои претходно го уништија градот на секаков можен начин и кои сакаат на голема врата повторно да го вратат ДУИ на власт и во игра. „И, затоа се обединивме сите, да ги поразиме. И, ги поразивме тие

политики, а ќе ги поразиме уште посилно сега. Затоа што од оваа страна имате логичен избор – го имате Максим Димитриевски и оваа наша коалиција која на 2 ноември не треба само да победи – туку и да ги прегази таквите стари и ретроградни политики. Затоа е потребна убедлива победа против нив кои со византиски игри по секоја цена сакаат да се вратат на власт“, нагласи пратеникот Петрушевски.

На присутните се обратија и претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Николовски, како и Претседателката на Советот на Општина Куманово и носител на листа на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Ивана Ѓорѓиевска кои, исто так, повикаа на масовна излезеност на вториот круг во недела, за голема победа на актуелниот градоначалник, Максим Димитриевски, што ќе значи – раст, развој и просперитет на Куманово.

Текстот Димитриевски: Проблеми имало и ќе има, со посветена работа ќе ги решаваме без да застанеме е превземен од МАКФАКС.