Министерката за финансии Гордана Димитриевска-Кочоска и седум дена по скандалот во Собрание, е на ставот дека не погрешила и нема да и се извини на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска по дискусијата во Собранието, но од граѓаните побара трпение. Најави дека за кусо време на сите ќе им биде јасно зошто се случиле сите работи кои следеа по нејзиното обраќање до Петровска кога ја праша „ „врз основа на што вие ги ставате во уста мајките што имаат деца и како вие знаете едно повеќечлено семејство колку треба да троши“, а потоа кажа дека таа како мајка на два сина многу добро знае колку треба да троши едно четиричлено семејство.
„Жалам што имаше таков дефокус, во однос на тоа што јас го кажав од говорницата и како беше интерпретирано. Неколку пати повикав на тоа луѓето да ја ислушаат целата комуникација во Собрание и самите да носат заклучоци. Во однос на извинувањето мислам дека својот став го кажав, кога би погрешила би се извинила. Воопшто немало нешто ниту тенденциозно, ниту некаква намера, јас зборував за трошоците за живот и врз основа на тоа не би сакала да коментирам понатаму на таа тема. За мене, како што кажав, тоа е затворено. Би замолила една работа, граѓаните да бидат трпеливи, да почекаат малку, времето ќе покаже кој бил во право, кој не бил и зошто се случуваше сето ова. Оставете на времето ве молам, за многу скоро ќе ви биде јасно на сите зошто се случуваа сите овие работи“, рече министерката Димитриевска – Кочоска денес по потпишувањето на меморандумот за соработка на Министерството со Економскиот факултет.
Пратеничката Славјанка Петровска поднесе претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, а опозицијата секојдневно бара извинување и оставка од министерката.