Како што пишува „Фокус“, без оглед на исходот на надворешно-политички план, Заев е решен дефинитивно да се повлече од двете функции на почетокот на следната 2022 година, кога ќе се заокружат постапките за избор на нов премиер и особено за нов партиски лидер.

Како што велат владини извори, иако првично се разгледувала идејата новиот премиер и новиот лидер на СДСМ да бидат различни личности, сепак, донесена е одлука двете функции да се спојат во една личност, која ќе го преземе товарот и одговорноста во време на партиска криза, но и на криза во државата на економски, енергетски, здравствен план.

Според „Фокус“ министерката за одбрана и довчерашната заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, се издвоила како најсериозен кандидат за премиер, но во ситуација ако Заев не ги одложеше оставките. Во таков случај, ќе отпочнеше процедура за избор за нов претседател на СДСМ, за што Шекеринска нема интерес и амбиции.

Во изминативе денови, во контекст за трката за нов лидер на социјалдемократите неофицијално се споменуваа многу имиња: Дане Талески, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бојан Маричиќ, Јован Деспотовски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Сања Лукаревска, Венко Филипче

Но, како што дознава Фокус, најсериозен кандидат за наследник на Заев и на двете позиции не е ниту еден нив, туку тоа е Димитар Ковачевски, кој моментално е заменик-министер за финансии и воедно член на Извршниот одбор на СДСМ.