Од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола денеска започна дистрибуцијата на 1 013 357 избирачки ливчиња за вториот круг од локалните избори, информираат од Државната изборна комисија (ДИК). Гласањето ќе се одржи во 32 општини и во Градот Скопје, а во сабота ќе гласаат болните, изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
„Локалните избори ќе ги следат 1 569 набљудувачи, од кои 904 домашни и 651 меѓународни“, соопштуваат од ДИК, додавајќи дека акредитирани се и 14 странски новинари.
Во Скопје ќе гласаат 474 394 избирачи, кои ќе избираат помеѓу Орце Ѓорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата) и Амар Мециновиќ (Левица). Ѓорѓиевски во првиот круг освои 91 663 гласа, а Мециновиќ 30 665.
Интересна трка се очекува во Карпош, меѓу актуелниот градоначалник Стевче Јакимовски и Сотир Лукровски (ВМРО-ДПМНЕ), како и во Аеродром, каде што ќе се соочат Дејан Митески (ВМРО-ДПМНЕ) и Александар Трајановски (СДСМ). Во Центар ќе се натпреваруваат Мирослав Лабудовиќ (ЗНАМ) и Горан Герасимовски (СДСМ), а во Шуто Оризари – Ерџан Демир (ВМРО-ДПМНЕ) и Курто Дудуш (Унија на Ромите).
Втор круг ќе има и во повеќе општини низ земјата, меѓу кои Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Неготино, Валандово, Крушево, Македонска Каменица, Брвеница, Боговиње, Ранковце и други.
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово Ростуше, каде што не беше постигнат цензус од една третина излезеност, ќе се спроведе нова изборна постапка по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.























