Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференција ги објави првичните неофицијални резултати од вториот круг на претседателските избори, со што и официјално почнуваат да течат роковите за евентуални приговори за гласањето. Извесно е дека победничка на изборите е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, која како што објави ДИК од добиените резултати до 22:20 часот, од преброени 84, 26 отсто од гласовите, освоила 457.111 гласови, додека нејзниот противкандидат Стево Пендаровски 206.407 гласови.

На овие избирачки места (84,26 отсто) од 1.509.715 запишани во Избирачкиот список гласале 704.885 гласачи или 46,69 отсто. Важечки се 663.457 гласови, неважечки се 40.193.

Согласно роковникот за претседателските избори, првичните резултати од изборите добиени по електронски пат, ДИК ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од Општинските изборни комисии во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

За претседател на Републиката, во вториот изборен круг е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од 40 проценти од избирачите.

ДИК со решение ќе го повтори гласањето на гласачките места на кои го поништила гласањето, само ако вкупниот број на запишани избирачи на тие избирачки места на ниво на изборна единица, влијае врз вкупните резултати.

Во случаите кога ДИК со решение ќе го повтори гласањето во вториот изборен круг по листи на кандидат, повтореното гласање во вториот изборен круг се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на вториот круг на гласањето во роковите определени од ДИК согласно Изборниот законик.

Мандатот на актуелниот претседател на државата Стрево Пендаровски истекува в недела на 12 мај, така што тогаш треба да биде инаугурацијата на новата претседателка Силјановска Давкова. Собраниската седница треба да ја закаже актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески.