Пишува: Светлана Сиљјаноска/ IMA.mk

„Фејсбук оригинално не е создаден да биде компанија. Граден е за да исполни социјална мисија – да го направи светот поотворен и поврзан“ – Марк Зaкерберг, Фејсбук, 2012г.

„Да ги организираме информациите во светот и да ги направиме универзално достапни и корисни“ – Лери Пејџ и Сергеј Брин, Гугл 2004г.

„Да го направиме перфектен секој детал и да го ограничиме бројот на детали за усовршување“ – Џек Дорси, Твитер, 2006г.

Три од милион визионерски изјави, кои ги дале основачи на дигитални платформи за своите намери во подемите на компаниите, без кои денеска не можеме да го замислиме животот и професионалното функционирање.

Во 2025 година, Фејсбук ги поврза луѓето, но ги затвори своите корисници во меури, т.н. ехо-комори со алгоритам кој не дозволува изложување на нови идеи и луѓе, и е простор за поларизација и нарушување на менталното здравје. Фејсбук во 2025 година е дигитален простор, каде погласниот, погневниот, поприсутниот и, најважно, оној-што-најмногу-плаќа ќе го доминира етерот и ќе заработи од тоа. Гугл не ги направи универзално достапни информациите, туку стави цена на нив и предноста за видливост ја даде на оние кои можат да платат за неа. Твитер е можеби најтажната приказна од овие три досега, дури и во ерата на Дорси, кога веќе дозволи вештачки фарми на ботови и тролови да го доминираат дискурсот со говорот на омраза што се ширеше во секунди, а дигиталниот простор наменет за микроблогерска револуција со само 140 карактери текст се претвори во платформа за политички екстремизам, промоција и поттик на насилство и масовно ширење на дезинформации. После преземањето на Маск, стана платформа која е безвредно да се споредува со оригиналната идеја.

Но, без исклучок, сите основачи и сопственици, покрај својата „благородна и филантропска“ мисија добија и нешто друго, профит од милијарди и нивно столче на масата која ги дефинира геополитиката, демократијата и мирот во светот.

Поентата на издвојувањето на овие три од милион визионерски изјави, кои може да се најдат за кој било основач или сопственик на која било дигитална платформа, не е да се факт-чекираат, туку да се воспостави една појдовна точка, на која треба да се навратат државите и останатите демократски актери што се борат против дезинформациите и операциите за влијание преку информации, кога го истражуваат прашањето „како дојдовме до оваа состојба денес?“. Состојбата, во која алгоритмите на социјалните медиуми ќе ги поларизираат страните во екстремизам, ќе промовираат агресија и насилство, не може води кон ништо друго освен кон конфликт.

Воедно, поентата на потсетувањето на ерата, во која социјалните медиуми беа алатки за демократизација и пристап до информации, е и заради навраќање на улогата на социјалните медиуми во општеството, која секој демократски актер треба да ја заговара и бара од својата влада, односно држава.

Во Европа, односно во Европската унија каде веќе постојат регулативи за дигиталните платформи, навраќањето на функциите на социјалните медиуми во насока на зајакнување на демократијата може да помогне при мапирањето на пропустите во таквата регулатива и нејзината надградба. Сепак, барем засега, во Европската унија не постои владино охрабрување за дерегулација на социјалните медиуми и дигиталните платформи.

Во остатокот од Европа, а особено на Западен Балкан и во Северна Македонија, која не е дел од Европската унија, целосното отсуство на регулација на социјалните медиуми треба да се гледа како можност со таа регулација да се вратат некои основни функции и заштитни механизми, кои социјалните медиуми можат да ги имаат. Под претпоставка дека во Владата и Собранието на Република Северна Македонија има политичка волја за таков чекор, институциите имаат уникатна можност да ги заштитат граѓаните од поларизација и екстремизам, кои ќе ги движат кон конфликт а со тоа и нестабилност во државата.

Местото на социјалните медиуми на мапата на дезинформациите и операциите со влијание преку информации

Местото на социјалните медиуми на мапата на дезинформациите може да се утврди на два начини, едниот – доколку се анализираат навиките и трендовите на нивно консумирање од страна на корисниците, и вториот – доколку се анализираат како извори или овозможувачи на изворите на информации.

Доколку се анализираат навиките и трендовите на нивно консумирање од страна на корисниците, социјалните медиуми повторно земаат централно место на мапата на дезинформациите и операциите со влијание преку информации во Северна Македонија, и тоа од неколку причини.

Според податоците на ДатаРепортал[i] за 2024 година, во Северна Македонија има 1,82 милиони интернет корисници, а пенетрацијата на интернетот е 87,2%. Важно е да се напомене дека ова се бројки на активни профили, до кои успеваат да стигнат спонзорирани содржини, а не сите постоечки профили. Воедно, треба да имаме предвид дека секој интернет корисник не е една индивидуа, затоа што имаме индивидуи и правни лица со повеќе кориснички сметки. Во 2024 година во Северна Македонија има над 944 600 профили на социјалните медиуми, што е еквивалент на околу половина од населението.

 

Јануари 2024Бр. на кориснициСпоредба 2023
Фејсбук944 600+30 000
Инстаграм811 500+100 000
ТикТок754 000/
Х133 100-311 000[ii]

 

Според податоците на Статиста[iii], Фејсбук е неприкосновено најпосетувана платформа во Северна Македонија за 2023 година.

 

Водечки веб-страници на социјални медиуми во Северна Македонија во 2023 година, врз основа на уделот на посетите, извор: statista.com

Водечки веб-страници на социјални медиуми во Северна Македонија во 2023 година, врз основа на уделот на посетите, извор: statista.com

 

Доколку податоците на Статиста и ДатаРепортал покажуваат дека имаме голем број на активни корисници на социјалните медиуми, истражувањето кое Фондација Метаморфозис го спроведе во 2022[iv] година за ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз процесите во Северна Македонија, покажува како граѓаните ги користат социјалните медиуми и каков ефект имаат тие врз нивните убедувања.

Иако ТВ станиците го имаат приматот како канал за информирање, социјалните медиуми – со интернет порталите кои имаат и свои профили на социјалните медиуми, агрегаторите и инфлуенсерите чии канали повторно се наоѓаат на социјалните медиуми – ги надминуваат бројките на традиционалните медиуми.

 

Истражување: Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија, извор: Фондација Метаморфозис

Истражување: Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија, 2022, извор: Фондација Метаморфозис

 

Поважно, запрашани во колкава мера им веруваат на овие канали на информирање, сликата која се добива е обратно-пропорционална. Односно, социјалните медиуми, интернет порталите и инфлуенсерите не уживаат доверба кај граѓаните и веќе од следното прашање за тоа кој ги шири дезинформациите, ќе ги посочат и нив, заедно со политичарите и новинарите.

Извор: Фондација Метаморфозис

                                                     Извор: Фондација Метаморфозис

 

Иако граѓаните посочиле дека не им веруваат на изворите од кои се информираат, на следното прашање во ова истражување, на кое се поставени осум дезинформациски наративи и теории на заговори,[v] се забележува дека дезинформациските кампањи и операциите за влијание со информации имаат импакт врз верувањата на граѓаните.

Извор: Фондација Метаморфозис

                                          Извор: Фондација Метаморфозис

 

Треба да се земе предвид дека овие бројки и трендови се за генерална популација, и дека ако се издвои категоријата млади – горенаведените бројки ќе станат уште подрастични.

Доколку се анализирани како извори или овозможувачи на извори, социјалните медиуми заземаат централно место на мапата на дезинформациите и операциите со влијание преку информации во Северна Македонија. Како што ќе потврдат следните примери, нерегулирањето на социјалните мрежи, но и неефикасното спроведување на веќе постоечката регулатива, охрабрува простор за координирано споделување на дезинформациски содржини и разни операции за влијание преку информации, кои имаат за цел да го манипулираат информацискиот простор, да влијаат на јавниот дискурс и да предизвикаат што е можно посилна поларизација која неретко се радикализира.

Велешкиот случај[vi] од 2016 година ја позиционираше Северна Македонија на листата на земји, во кои индустријата со оперативци за создавање лажни вести и дезинформации преку Фејсбук страници е возможна, легална и евтина во глобални рамки. Група на тинејџери отвораа илјадници Фејсбук страници, на кои собираа публика преку разни секојдневни содржини, сè до предизборните кампањи – кога координирано и организирано започнаа со споделување на лажни вести и дезинформации, напаѓајќи ја и делегитимизирајќи ја тогашната демократска кандидатка за претседателка на САД, Хилари Клинтон. Воедно, Велешкиот случај ја прикажа и т.н. фискална димензија на дезинформациите, во која не секогаш позади создавањето има идеолошка или политичка борба за влијание и контрола врз наративот, туку и монетизација на услуга. Најважно, овој случај го демаскираше воспоставувањето на пракса за користењето на дезинформациите и операциите за влијание преку информации за политички цели, влијаејќи на изборите во САД. Документарниот филм „Агенти на хаосот[vii]“ подоцна ќе прикаже дека влијанието врз изборите во САД во 2016 е многу поширока руска операција за влијание преку информации и дезинформации.

Користењето на социјалните медиуми како извор на дезинформации и операции за влијание преку информации во Северна Македонија не е пракса воспоставена за влијание на процеси ексклузивно надвор од државата. Референдумот за промена на името на државата и процесот на зачленување во НАТО во 2018 година е период во кој е документирана координирана и организирана акција за влијание и врз јавниот дискурс, но и за координиран напад на политички неистомисленици преку Твитер налози но и преку Фејсбук отворени страници и групи.

Документирана е Твитер мрежата[viii], која според содржината на објавите на профилите е радикално-десничарска, и самостојно во своите твитови се поврзува себеси и со движења како Qanon, иако и синхорнизацијата со Русија околу производството на дезинформации[ix] на социјалните медиуми беше очигледна, како и другите елементи, на пример протестите против референдумот, чие финансирање е поврзано со бизнисмени од Русија[x]. Радикално-левичарските профили на социјалните мрежи не беа изоставени од оваа кампања. Домашно, тие покажуваа поддршка или поврзаност со сите опозициски партии кои официјално или неофицијално повикуваа да се бојкотира референдумот, вклучувајќи ги и ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Единствена Македонија и други.

Извор: medium.com, DFRLab, септември 2018

                                         Извор: medium.com, DFRLab, септември 2018

 

Координирани неавтентични коментари за напаѓање на политиките на институциите се документирани и во 2019[xi] година, со содржина која предизвикува меѓуетнички тензии и поларизација по етничка основа. Операции за влијание преку информации беа документирани и во 2021 година за време на организирање на Пописот[xii]. Во 2024[xiii] година, мапиран е и патот од политичките изјави на политичарите од власта, преку медиумите, до координираните објави на дезинформации на јавни Фејсбук групи и страници. Профилите и страниците на Фејсбук, кои координирано ги споделуваат истите содржини, главно користат манипулации со информации.

Она што е заедничко во сите овие горенаведени случаи е тоа што, без исклучок, сите пласираат антизападен наратив со интензивен јазик за поларизација и екстремизација на своите публики. Идеолошко леви или десни, групите се сплотени во својот радикализам, кој со овие операции за влијание преку информации е насочен кон нарушување на довербата и делегитимирање на демократскиот поредок и Западот[xiv].

Што значи отстранувањето на факт-чекерите и модерацијата на содржината на Фејсбук, како тоа ќе се одрази на ранливите групи?

Кога се ТикТок и Х (Твитер) во прашање, нема многу голем простор за анализа на модерирањето на содржината, ниту за ширењето на дезинформациите. Телеграм е неприкосновена приказна за себе, не само во споделувањето на дезинформации, туку и во создавањето заедници кои ќе ги шират, и поставувањето како своевиден „мост“ со останатите социјални мрежи.[xv]

Според официјалната страна на ТикТок[xvi], модерацијата на содржината се прави првично преку автоматизиран ВИ систем кој автоматски отстранува насилна содржина, или преку маркирање од страна на корисник – во тој случај модератор ја прегледува и отстранува содржината, иако вторите ќе доживеат масовни отпуштања[xvii] во 2024 година, под изговор дека 80% од содржината е бездруго детектирана од ВИ. Ефикасноста во модерирањето на содржината може да се процени преку постоењето на нео-наци групите на ТикТок[xviii], чија содржина е алгоритамски амплифицирана, иако меѓу другото споделува и отворено насилство што е пријавувано од други корисници.

Фејсбук, односно Мета, беше бастион на социјалните медиуми, чија модерација на содржина и соработка со сервисите за проверка на факти обезбедуваше некаква заштита на корисниците од дезинформации, говор на омраза, таргетирање и вознемирување на која било основа, насилна содржина или содржина која промовира екстремизам и радикализам, како и содржина која охрабрува само-повредување и самоубиство.

Поврзано со оваа анализа, Мета имаше и механизми со кои можеше да детектира неавтентично однесување, односно лажни профили и координирани акции кои влијаат врз јавниот дискурс. Во идентификуваните случаи (кои секако не беа со 100% опфат), Мета релативно брзо делуваше преку намалување на видливоста или преку етикети за предупредување околу содржината, односно преку отстранување на штетната содржина.

Во видеото на Закерберг[xix], во кое се најавуваат новите промени кои ќе значат отстранување на сервисите за проверка на факти и ограничувањата на содржините, а ќе се дозволи повеќе политичка содржина во видикот на своите корисници, тој и самиот признава дека тоа ќе ги зголеми лажните информации и манипулативната содржина.

Ова воедно значи и дека Мета повеќе нема да биде правно одговорна за одредени содржини, кои низ годините придонесоа да изгубат мултимилионски тужби поради неисполнување на обврските за модерација и приказ на штетни содржини кои предизвикале реални последици на корисниците, како на пример тужби за предизвикување зависност кај тинејџерите[xx].

Закерберг го најавува сето тоа под изговорот дека на тој начин ја враќа слободата на говорот. Но слободата на говорот, како едно од човековите права, не е неограничена. Според Меѓународниот пакт на граѓански и политички права[xxi], сите имаат право на слобода на изразување, вклучувајќи барање, примање и пренесување на информации и идеи, но тоа право може да е ограничено доколку е неопходно да се заштитат правата на други. Ваквите ограничувања постојат и кога говорот содржи застапување на национална, расна или верска омраза која поттикнува дискриминација, непријателство или насилство.

Покрај Уставот, законската регулатива во Северна Македонија препознава неколку закони кои предвидуваат ограничувања:

  • Кривичниот законик[xxii] – и тоа преку член 319, кој санкционира дејствија со кои се предизвикува национална, раска или верска омраза, раздор и нетрпеливост; член 394-г, кој предвидува казни за оние кои преку компјутерски системи шират материјали кои промовираат омраза или дискриминација врз основа на раса, етничка припадност, религија и слично; член 417, кој санкционира ширење идеи за супериорност на една раса над друга или поттикнување на расна омраза и дискриминација; член 144-а, кој го дефинира делото „Демнење“ и предвидува санкции за истото; член 190-а кој дефинира дело „Сексуално вознемирување“ и предвидува санкции за истото (последните две, опфаќаат и дејствија преку електронски средства за комуникација).
  • Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета[xxiii], кој регулира граѓанската одговорност за штета нанесена на честа и угледот на физичко или правно лице преку навреда или клевета.
  • Закон за спречување и заштита од дискриминација[xxiv] со кој се уредуваат превенцијата и забраната од дискриминација, облиците и видовите на дискриминација, постапките за заштита од дискриминација.
  • Закон за заштита на лични податоци[xxv] – Со овој закон се уредува заштитата на личните податоци и правото на приватност во врска со обработката на личните податоци.

Има и други закони кои, помалку или повеќе, допираат до ограничување на апсолутната слобода на говор, но и со горенаведените е јасно дека во Република Северна Македонија, може законски да се одговара доколку со говорот се повредува друго човеково право или се предизвикува друго кривично дело предвидено со закон.

Досегашната модерација на содржината на најчесто користениот социјален медиум во Северна Македонија – Фејсбук, овозможуваше некаква[xxvi] заштита кон ранливите групи, чии права ги штитат горенаведените закони. Во тие групи спаѓаат малолетни деца кои се изложени на социјални медиуми, тинејџерите кај кои социјалните медиуми предизвикуваат зависност[xxvii] или ги изложуваат на насилна содржина поттикнувајќи агресија, жртвите на трговија со луѓе, маргинализираните заедници, луѓето под ризик од самоубиство или самоповредување и уште многу други.

Таа заштита значеше брза реакција од страна на платформата при таргетирање или каква било форма на онлајн вознемирување, закани и слични дејствија. Воедно, постојаната проверка на факти на содржини и нивно етикетирање, даваше увид во тоа кои извори континуирано и наменски создаваат незаконски содржини или содржини со кои се прекршуваат човековите права на одредени групи. Без ваквата брза реакција, која било жртва чии права се прекршени од содржините на пласирани на социјалните медиуми ќе биде принудена правдата да ја бара преку правосудните органи во државата. А тоа значи дека огромен број на луѓе воопшто нема да имаат можност да ја побараат, поради непознавање на правниот систем, немање доволно материјални средства или услови за да водат постапка итн. Тоа значи дека ќе бидат изложени секојдневно на дискриминација, расизам, ксенофобија, хомофобија, мизогинија, без можност да имаат брза системска заштита.

За потсетување, во Северна Македонија првата пресуда за говор на омраза кон ЛГБТИ[xxviii] на социјални медиуми е пресудена минатата година (2024) после цела година низ лавиринтите на правосудниот систем. За некои жртви правдата не беше задоволена, или беше задоволена делумно, како што е случајот „Јавна соба“[xxix], каде правда добија само малолетните девојки врз основа на делото производство и дистрибуција на малолетничка порнографија, додека останатите жртви, во отсуство на тогашно законско решение, беа оставени без механизам за да се изборат за правдата.

Од друга страна, отстранувањето на модерацијата ќе охрабри политички екстремизам, таргетирање на политичка основа, дезинформации и операции за влијание преку информации, засилување и радикализација на поларизацијата.

И, тука се навлегува во една друга димензија – безбедносната. Социјалните медиуми и нивната нерегулираност суштински влијаат на безбедноста во државата. Не само затоа што подгреваат тензии и радикализираат поларизација која може да доведе до внатрешни конфликти и потенцијална дестабилизација, туку може и да влијае на меѓу-соседските односи и да разгорува надворешни конфликти во регионот. Немањето контрола или во најмала рака транспарентност врз монетизирањето на операциите со влијание преку информации, преку човечка инфраструктура или преку спонзорирани содржини, ја прави државата ранлива на странски влијанија, кои можат да дојдат од секакви државни и недржавни актери, со нејасна агенда или пак со агенда спротивна на државните интереси.

Во малку поширок контекст, но сепак сè уште на безбедносната линија, отсуството на модерација на содржина од страна на социјалните медиуми од една, а нивното нерегулирање од страна на државата од друга страна, има сериозно влијание врз демократијата и изборните циклуси во земјата. Условите, во кои нема заштитни механизми за дезинформации, дип-фејкови, манипулации со содржини и изигрувања преку неавтентично дејствување, се услови во кои виреат операциите за влијание преку информации. А таквите операции имаат импакт во три сегменти на демократскиот поредок:

  • Поради комуникациската какофонија во јавниот етер, во која е тешко да се утврди веродостоен извор на информацијата на кој граѓаните ќе му веруваат, граѓаните се доведуваат во состојба да изберат да не се информираат за одредени процеси или политики, а неинформирани граѓани носат неинформирани одлуки;
  • Дезинформациските кампањи насочени кон рушење на довербата во демократијата како систем, институциите или политичките кандидати, ги обесхрабруваат граѓаните да учествуваат во изборите, а кога тоа го прават – го отежнуваат пристапот до информации за политичките програми за кои граѓаните би требало да гласаат. Ова последователно создава пасивизирање на неопределените граѓани и нивно неучество во демократските процеси;
  • Преку континуирано сèприсуство на операции за влијание преку информации и дезинформациски кампањи, граѓаните се доведуваат во заблуда и постои ризик да носат одлуки врз основа на неточни и непроверени информации, што е суштински важно за нивното учество во процеси како што се изборите, пописите, референдумите.

Отстранувањето на модерацијата врз содржината и проверката на факти на Мета има голем импакт и врз менталното здравје на корисниците на Фејсбук и Инстаграм. Започнувајќи од нивото на зависност[xxx] која се јавува кај сите корисници преку функции кои овозможуваат упорно и постојано навраќање на социјалниот медиум преку денот, што само по себе треба да се третира како и секоја друга зависност. Понатаму, според анализата објавена на Независен Весник к[xxxi] која обработува повеќе различни извори помеѓу кои и внатрешно истражување на Фејсбук од 2020 година, покажува дека Инстаграм ја влошува слика на телото на секоја трета тинејџерка што ја користи апликацијата. Истите истражувања укажуваат дека споредбите што ги поттикнува Инстаграм можат да доведат до зголемена анксиозност и депресија кај младите корисници, па дури и суицидни мисли. Изложувањето на младите, особено на момчињата на насилна содржина доведува до десензибилизација кон насилството во реалниот живот[xxxii], ги поттикнува на агресивно однесување[xxxiii] и ги изложува на токсични влијанија во т.н. „маносфера“[xxxiv] .

Крајно, уште една димензија е економската, и отсуството на заштита од онлајн измами преку лажни наградни игри на социјалните медиуми[xxxv], која во Северна Македонија има огромен залет во изминатата (2024) година, каде голем број на граѓани беа доведени во заблуда дека учествуваат во наградни игри преку лажни профили на компании или преку спонзорирани реклами од непостоечки фирми кои овозможуваат брза заработка.

Сите овие димензии, ги оставаат граѓаните на изложеност која бара висока медиумска, финансиска или дигитална писменост за да се заштитат, а институциите можат да постапат откако штетата ќе се случи. Затоа сите овие димензии мора да вклучени при разработка на решенија за регулација кои ќе имаат пред се превентивна улога а дури потоа реактивна.

Каде е излезот од оваа дигитална демократска дистопија?

Пред да се навлезе во какви било решенија или препораки за регулативи или мерки, важно е да се има предвид дека не постои демократска држава во светот која успешно и целосно го има решено овој проблем. Различни држави повеќе или помалку успешно применуваат решенија кои даваат некаков ефект, но тој е условен со фактори кои не се менуваат на краток рок. Факторите кои влијаат на справувањето воедно зависат и од поднебјето, историјата и политичката култура на регионот, што значи дека решенијата кои функционираат во една земја, многу веројатно нема да функционираат за друга ако тие не се сродни во својата историја и политичка поставеност.

На пример, успешноста и отпорноста на земјите од Балтикот[xxxvi] е поврзана со високиот степен на доверба во институциите и медиумите, како и воведувањето на медиумската писменост во образовниот систем пред децении. Воедно, за разлика на пример од земјите на Балканот, каде противречноста[xxxvii] е културолошка карактеристика, во земјите на Балтикот има национална усогласеност во поглед на надворешната и безбедносна политика, која во голема мера е поврзана со турбулентната историја на земјите и научените лекции од истата[xxxviii].

На пример, Албанија после инцидентот во кој млад тинејџер го загуби својот живот, го забрани ТикТок[xxxix] на една година, откако установи дека изложувањето на малолетниците на немодерирана насилна содржина го поттикнува насилството и булингот. Други земји го ограничуваат целосно пристапот до смарт телефони во училиштата, како што се примерите на Калифорнија[xl]Бразил[xli] и Тексас[xlii], додека Австралија усвои забрана[xliii] која во ноември 2025 ќе стапи на сила како закон, со кој го ограничува пристапот до социјални медиуми на малолетни до 16 години, а по истиот пример е веќе отворена јавната дебата и во Велика Британија[xliv].

Во Франција беше уапсен Павел Дуров, основачот на Телеграм[xlv], под обвинение дека мрежата овозможува споделување на содржина за сексуална злоупотреба на деца и поддржува криминални активности. Овој чин го натера Дуров да ги „прекрши“ правилата за приватност на мрежата, и на властите да им ги овозможи податоците кои ќе им помогнат да го гонат наведениот криминал, а дополнително и самиот најави дека мрежата ќе започне со свои механизми за „лов“ на криминалот.[xlvi] Ваквиот чекор на Дуров, ги мотивираше радикално-десничарските корисници да го напуштат користењето на Телеграм[xlvii].

Посебен случај е Романија, каде безбедносните служби сред избори изложија докази дека преку ТикТок[xlviii] се врши мешање во изборите и со одлука на Уставен суд беа поништени изборите, а според индициите наводно Русија стои позади таа операција, иако официјалната потврда за ова сè уште се очекува. Веднаш после оваа одлука, даночните власти најавија испитување на приходите[xlix] на ТикТок инфлуенсерите кои учествувале во кампањата, што ги мотивираше овие инфлуенсери да избегаат од земјата. Овој исход беше повод за Европската Комисија да отвори формален случај против ТикТок за влијание врз интегритетот на изборите.[l] Молдавија успеа да издејствува од Мета да „угаси“ лажни профили,[li] страници и групи за кои успеале да утврдат дека се координирана операција со руско поврзување за влијание врз референдумот за членство во ЕУ, и ја прекршуваат политиката за координирано неавтентично делување, а воедно блокирале и десетици канали на Телеграм кои нуделе пари за гласање „не“ на референдумот.

Врз основа на овие примери од други земји, каде легислативата и правното функционирање на државата дале конкретни резултати во справувањето со негативните ефекти од дезинформациите и операциите за влијание преку информации на социјалните медиуми или нивно превенирање, може да се заклучи дека еден од сегментите кои Северна Македонија треба да ги примени е токму законодавниот.

Како што е издвоено во овој текст, Северна Македонија веќе располага со закони, со кои може да се санкционира говор кој прекршува друго човеково право, но не располага со механизми за нивна ефикасна имплементација, и не располага со законски решенија кои ќе навлезат во коренот на проблемот со дезинформациите. А решенијата со кои располага немаат превентивна и проактивна улога. Иако Националната стратегија за безбедност[lii] ги препознава и адресира дезинформациите како безбедносен проблем, овој документ сè уште нема владин акциски план за имплементација, кој ќе ги третира поединечно причините за влијанието на дезинформациите и операциите со влијание преку информации, како што е на пример координираното и неавтентично делување на социјалните медиуми или пак операциите за влијание преку информации кои се спроведуваат преку нив.

За потсетување, Северна Македонија како членка на НАТО има обврска да ги имплементира одлуките од Декларацијата од Вашингтонскиот Самит (точка 14)[liii] во поглед на градење на индивидуалните капацитети за справување со операциите со дезинформации, но и обврска кон член 3 од Северноатланскиот договор[liv], кои ја обврзуваат државата индивидуално и колективно да ја зајакнува својата отпорност а со тоа и отпорноста на Алијансата.

И тоа е само еден сегмент, каде што Владата може да преземе директни чекори за справување со проблемот, односно еден сегмент кој може да го опфати идната регулација на социјалните мрежи во земјата. Се разбира, едно такво идно регулирање мора да биде усогласено со Актот за дигитални услуги на Европската Унија,[lv] кое усогласување како иницијатива е веќе предложено од Метоморфозис Фондацијата а прифатено од страна на Владата[lvi]. Северна Македонија како земја со отпочнати (и закочени) преговори за членство во Европската Унија, има обврска да го усогласува своето законодавство со тоа на ЕУ како преговорите и самото зачленување би се движеле побрзо и без пречки.

Најважно од сè е ваквиот процес од сам почеток да се организира на инклузивен начин, преку „Пристапот на цело општество[lvii] (Whole of society approach) за да се осигураат и сите аспекти на општеството (медиумски, академски, граѓански, институционален) и воедно да се обезбедат заштитни механизми од злоупотреба од страна на властите.

Пристапот на цело општество кон проблемот во справувањето со дезинформациите и операциите со влијание преку информации на социјалните медиуми ги опфаќа и останатите актери во општеството. Дел од нив се опфатени низ препораките на Фондацијата Метаморфозис за Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија[lviii], во кои се вели:

  • Неопходно е подигање на нивото на интегритет на медиумите преку зголемено почитување на професионалните и на етичките стандарди во новинарството, како и зголемена примена и видливост на механизмите за саморегулација. Медиумите треба да воведат интерни механизми со кои ќе ја зголемат сопствената отпорност на дезинформации преку воведување процедури за проверка на факти, а на ниво на уредувачки политики да го приоретизираат проактивното информирање за дезинформациските текови, заедно со промоцијата на медиумската и на дигиталната писменост.
  • Медиумите да се заложат за пренесување проверени содржини од сервиси за проверка на факти или други медиуми, како и од граѓански организации што редовно разоткриваат дезинформации и дезинформациски наративи во рамките на своето работење.
  • Неопходно е подигнување на нивото на јавна дебата за геополитичкиот контекст, текот на дезинформациите, нивните извори и интересите што ги промовираат, особено антидемократските тенденции поврзани со влијанија од странски авторитарни режими. Државните институции, академската односно научно-образовната заедница, медиумите и граѓанското општество имаат обврска проактивно да ги информираат граѓаните за состојбите преку позитивни наративи засновани на факти преку информативни и едукативни содржини, јавни дебати засновани на новинарски истражувања и стручни анализи.
  • Креаторите на јавното мислење треба да имаат предвид дека недостатокот на информираност и на издржана јавна дебата доведува до информациски празнини, кои даваат простор за делување на малигните надворешни влијанија врз перцепцијата на граѓаните со цел подривање на демократијата. Затоа е важно препознавањето и преиспитувањето на дезинформациските наративи да стане интегрален дел од сите форми на јавна комуникација и создавање содржини.

На овие препораки може да се додаде дека е неопходно посуштинско ангажирање од стручната фела, особено од организациите како ЗНМ и СЕММ во издвојувањето на професионалните медиуми и нивно профилирање на социјалните медиуми како веродостоен и кредибилен извор на информации. Особено ако овој процес доаѓа не само од формирањето на регистри, туку и од иницирањето на внатрешни механизми во медиумите за справување со дезинформации и операции со влијание преку информации.

Посуштински ангажман треба да преземе и АВМУ како регулатор кој може да ги предводи законските промени и процесите поврзани со регулацијата, но воедно и да ги предводи јавните кампањи за подигнување на свеста во врска со операциите за влијание преку информации.

 

(Авторката е консултантка за стратешки комуникации со фокус на справување со дезинформации)

Референци:

[i] Извештај за дигиталните трендови во Северна Македонија за 2024г Digital 2024: North Macedonia, достапно на: https://datareportal.com/reports/digital-2024-north-macedonia Simon Kemp, Data Reportal, 23 февруари 2024

[ii] Според податоците на Х има нешто над 1000 нови корисници, но според податоците на маркетерите кои можат да допрат до корисници преку спонзорирани содржини има пад од над 300 илјади

[iii] Објава на Статиста: Leading social media websites in North Macedonia in 2023, based on share of visitsдостапно на: https://www.statista.com/statistics/1165984/market-share-of-the-most-popular-social-media-websites-in-north-macedonia/ , Statista, Statista Research Department, 12 ноември 2024

[iv] Истражување: Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија, достапно на: efektot-na-dezinformaciite.pdf, Фондација „Метаморфозис“, 2022

[v] Зборник на анализи и факти: Манипулирање на јавниот дискурс -дезинформации и пропаганда, достапно на:  https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2024/02/manipuliranje-na-javniot-diskurs_fjnal_mk_web.pdf , Фондација „Метаморфозис“, 2024

[vi] Истражувње:The Macedonian Fake News Industry and the 2016 US Election, достапно на:The Macedonian Fake News Industry and the 2016 US Election | PS: Political Science & Politics | Cambridge Core Cambridge University Press,  25 август 2020

[vii] Објава на портал Indiwire: “Agents of Chaos” by Alex Gibney “Agents of Chaos”: HBO Drops Trailer for Doc on Russian Interference, HBO, 23 септември 2020

[viii] Објава на Medium: #ElectionWatch: Boycott Campaign in Macedonia Features Familiar Characters достапно на: #ElectionWatch: Boycott Campaign in Macedonia Features Familiar Characters | by @DFRLab | DFRLab | Medium, DFR Lab, 14 септември 2018

[ix] Анализа: Руската пропаганда со дезинформации во Македонија пред референдумот во 2018, достапно на: Руската пропаганда со дезинформации во Македонија пред референдумот во 2018 – Truthmeter, Вистиномер, Жарко Трајановски, 12 април 2022

[x] Објава на портал 360 степени: Истражување: Како Русија го подриваше референдумот за името во Северна Македонија? достапно на: Истражување: Како Русија го подриваше референдумот за името во Северна Македонија? – 360 степени, 360 степени, Маја Васева Трајкова, 10 јануари, 2020

[xi] Анализа: Coordinated Comments in Macedonia, достапно на: Coordinated Comments in Macedonia – DFRLab, DFR Lab, 21 јануари 2019

[xii] Објава на порталот Вистиномер: Социјалните мрежи преплавени со дезинформации за пописот, достапно на: Социјалните мрежи преплавени со дезинформации за пописот – Truthmeter, Вистиномер, Симона Атанасова, 12 септември 2021

[xiii] Анализа: Меѓуетничките односи изгубени во Бермудскиот триаголник на Владата, медиумите и социјалните мрежи, достапно на: Меѓуетничките односи изгубени во Бермудскиот триаголник на Владата, медиумите и социјалните мрежи – Truthmeter, Вистиномер, 12 декември 2024

[xiv] Анализа: Левите и десните во Северна Македонија „братски“ ги шират антизападните дезинформациски наративи, достапно на: https://vistinomer.mk/levite-i-desnite-vo-severna-makedonija-bratski-gi-shirat-antizapadnite-dezinformaciski-narativi/, Вистиномер, 09 јануари 2025

[xv] Истражување: The unmitigated risks of Telegram public channels and steps to be followed, достапно на: Telegram public channels: risks and steps to follow – Maldita.es – Periodismo para que no te la cuelen Fundación Maldita.es together with the University of Granada, 26 септември 2024

[xvi] Официјална страница на компанијата ТикТок во која се утврдува модерацијата на содржината, достапно на: tiktok.com/euonlinesafety/en/content-moderation/

[xvii] Објава на Ројтерс, достапна на: ByteDance’s TikTok cuts hundreds of jobs in shift towards AI content moderation | Reuters, Reuters, Rozanna Latiff, 11 октомври 2024

[xviii] Анализа: NazTok: An organized neo-Nazi TikTok network is getting millions of views, достапна на: NazTok: An organized neo-Nazi TikTok network is getting millions of views – ISD, Институт за стратешки дијалог, Nathan Doctor, Guy Fiennes, and Ciarán O’Connor, 29 јули 2024

[xix] Видео на Марк Закерберг, достапно на: It’s time to get back to our roots around free expression. We’re replacing fact checkers with Community Notes, simplifying our policies and focusing on… | By Mark Zuckerberg | Facebook, Марк Закерберг, 7 јануари 2025

[xx] Објава на Ројтерс: Meta must face US state lawsuits over teen social media addiction, Достапно на: Meta must face US state lawsuits over teen social media addiction | Reuters, Reuters, Brendan Pierson, 16 октомври 2024

[xxi] Меѓународен пакт за човекови права, достапен на Меѓународен пакт за граѓански и политички права – Manual for Human Rights Education with Young people, Генерално Собрание на Обединети Нации, усвоен на 16 декември 1966

[xxii] Кривичен законик на Република Северна Македонија, достапен на: ЛДБИС преглед на закон објавен во Службен весник 36 на 17 февруари 2023

[xxiii] Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета на Република Северна Македонија, достапен на: Microsoft Word – Sluzben del 251_2022

[xxiv] Закон за спречување и заштита од дискриминација на Република Северна Македонија, достапен на: Закон за спречување и заштита од дискриминација.pdf, објавен во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 258 од 30.10.2020 година

[xxv] Закон за заштита на личните податоци, достапен на: zakon_za_zastita_na_licnite_podatoci.pdf објавен во Службен весник на РСМ, бр. 42 од 16.2.2020 година

[xxvi] Ефикасноста на заштитата е драстично намалена поради користењето на „алго-јазик“ со кој се измамуваат ВИ алгоритмите кои ја мониторираат содржината преку користење на описни зборови за да се искаже истата навреда без употреба на експлицитниот збор

[xxvii] Објава на портал Fakulteti.mk: Како Фејсбук и Инстаграм не претвораат во зависници, достапно на: Како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ нѐ претвораат во зависници Б.Б. Фактултети.мк,  28 февруари 2018

[xxviii] Објава на Радио МОФ: Прва пресуда во Македонија за говор на омраза кон ЛГБТИ+ лицата на социјалните мрежи, достапно на: Прва пресуда во Македонија за говор на омраза кон ЛГБТИ+ лицата на социјалните мрежи, Радио МОФ, 29 март 2024

[xxix] Објава на Радио Слободна Европа: Трнлив пат до правда за жртвите од Јавна соба, достапно на: Трнлив пат до правда за жртвите од Јавна соба, Радио Слободна Европа, Јасмина Јакимова, 09 јуни 2022

[xxx] Објава на портал Fakulteti.mk: Како Фејсбук и Инстаграм не претвораат во зависници, достапно на: Како „Фејсбук“ и „Инстаграм“ нѐ претвораат во зависници Б.Б. Фактултети.мк,  28 февруари 2018

[xxxi] Објава на Независен Весник: Инстаграм влијае на самоубиствени мисли на младите луѓе?, достапно на: Инстаграм влијае на самоубиствени мисли на младите луѓе? – Независен Весник, Независен, 17 септември 2021

[xxxii] Објава на The Guradian: You get desensitised to it’: how social media fuels fear of violence

достапна на:  ‘You get desensitised to it’: how social media fuels fear of violence | Social media | The Guardian, The Guardian, Robert Booth UK technology editor, 25 ноември 2024

[xxxiii] Објава на The Guradian: Violence on social media making teenagers afraid to go out, study finds  достапно на: Violence on social media making teenagers afraid to go out, study finds | Social media | The Guardian The Guardian, Robert Booth UK technology editor, 25 ноември 2024

[xxxiv] Објава на The Times: Boys falling prey to toxic influence of manosphere’, достапно на: ‘Boys falling prey to toxic influence of manosphere’, The Times, 06 октомври 2024

[xxxv] Објава на Вистиномер: Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат, достапно на: Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат – Truthmeter, Вистиномер, 29 април 2024

[xxxvi] Публикација на Меѓународен центар за одбрана и безбедност – Естонија, Resilience Against Disinformation: A New Baltic Way to Follow?, достапно на: Resilience Against Disinformation: A New Baltic Way to Follow? – ICDS Dmitri Teperik, Solvita Denisa-Liepniece, Dalia Bankauskaitė, Kaarel Kullamaa, 20 октомври 2022

[xxxvii] Студија на Европскиот Парламент: Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them, достапно на: Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them | Think Tank | European Parliament, Samuel GREENE, Gregory ASMOLOV, Adam FAGAN, Ofer FRIDMAN, Borjan GJUZELOV, 23 февруари 2021

[xxxviii] Анализа на Baltic Engagement Centre for Combating Information Disorders (BECID) Turbulent histories have made the Balts more resilient to propaganda but we are not magically immune to disinformation, достапно на: Turbulent histories have made the Balts more resilient to propaganda but we are not magically immune to disinformation Maria Murumaa-Mengel, 22 февруари 2023

[xxxix] Објава на Assоciated Press: Albania to close TikTok for a year blaming it for promoting violence among children, достапно на: Albania to close TikTok for a year | AP News, LLAZAR SEMINI, 21 декември 2024

[xl] Објава на официјалната страна на калифорнискиот Гувернер Гавин Њусом, достапно на:Governor Newsom signs legislation to limit the use of smartphones during school hours | Governor of California, 23 септември 2024

[xli] Објава на Assоciated Press: New Brazil law restricts use of smartphones in elementary and high schools, достапно на: https://apnews.com/article/smartphones-brazil-restrictions-children-bab6fd0ac6a277441bbaab235f9bbad2, MAURICIO SAVARESE and DIARLEI RODRIGUES, 14 јануари 2025

[xlii] Објава на Texas Monthly: Nineteen States Have Passed Laws Relating to Cellphones in Schools. Is Texas Next?, достапно на:19 States Have Passed Laws Regarding Cellphones in Schools. Is Texas Next?, Texas Monthly, Февруари 2025

[xliii] Објава на France24: Australia passes world’s first social media ban for under-16, на достапно на: Australia passes world’s first social media ban for under-16s NEWS WIRES, 28 ноември 2024

[xliv] Објава на Wired.com: UK Considers New Smartphone Bans for Children, достапно на: UK Considers New Smartphone Bans for Children | WIRED, Matt Reynolds 22 октомври 2024

[xlv] Објава на Радио Слободна Европа: Павел Дуров, основачот на Телеграм е уапсен во Франција, велат официјални лица, достапно на: Павел Дуров, основачот на Телеграм е уапсен во Франција, велат официјални лица, Радио Слободна Европа, 25 август 2024

[xlvi] Објава на: The Guradian Telegram’s Pavel Durov announces new crackdown on illegal content after arrest, достапно на: Telegram’s Pavel Durov announces new crackdown on illegal content after arrest | Telegram | The Guardian, The Gurdian, 24 септември 2024

[xlvii] Објава на The Guardian: Far-right extremists flee from Telegram to SimpleX over privacy features достапно на: Far-right extremists flee from Telegram to SimpleX over privacy features | Technology | The Guardian, Ben Makuch, 4 октомври 2024

[xlviii] Истражување на ИФЕС:The Romanian 2024 Election Annulment: Addressing Emerging Threats to Electoral Integrity Достапно на: The Romanian 2024 Election Annulment: Addressing Emerging Threats to Electoral Integrity | IFES – The International Foundation for Electoral Systems, Richard Nash, 20 декември 2024

[xlix] Објава на Politico: TikTok influencers flee Romania amid tax probe into their election role, достапно на: TikTok influencers flee Romania amid tax probe into their election role – POLITICO Andrei Popoviciu, 13 декември 2024

[l] Соопштение на официјална страница на Европска Комисија, достапно на:Commission opens formal proceedings against TikTok under DSA од 17 декември 2024

[li] Објава на ТVP: Meta takes down fake profiles in Moldova prior to presidential election, достапно на: Meta takes down fake profiles in Moldova prior to presidential election,12 октомври 2024

[lii] Официјална објава на веб страна на Влада на Република Северна Македонија, достапно на: https://vlada.mk/sites/default/files/dokumenti/strategii/nacionalna_strategija_za_bezbednost_na_republika_severna_makedonija_1.docx_2.pdf, мај 2024

[liii] Официјално комунике на НАТО: NATO – Official text: Washington Summit Declaration issued by NATO Heads of State and Government (2024), 10-Jul.-2024, 10 јули 2024

[liv] Официјална страница на НАТО: Appendix2.pdf

[lv] Студија на Open Society Partneri Srbija: Towards a Feasible Implementation of the Digital Services Act in the Western Balkans, достапно на: dsa-wb-new-1.pdf  Danche Danilovska-Bajdevska, Emily Wright, Maida Culahovic, Megi Reçi, Milica Tosic, Snezana Nikcevic and Teuta Sahatqija, Partners for Democratic Change Serbia, јуни 2024

[lvi] Соопштение на Метаморфозис Фондација: достапно на: ИНИЦИЈАТИВАТА НА ФОНДАЦИЈА МЕТАМОРФОЗИС ЗА УСОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОДАВСТВОТО СО ЗАКОНОТ ЗА ДИГИТАЛНИ УСЛУГИ ВКЛУЧЕНА ВО ПРОГРАМАТА ЗА РАБОТА НА ВЛАДАТА ЗА 2025 – Metamorphosis, 12 февруари 2025

[lvii] Публикација:The United Nations World Water Development Report 2023 достапно на: Governance: A ‘whole-of-society’ approach | United Nations iLibrary, United Nations Educational, Scientific and Cultural Organization март 2023

[lviii] Истражување: Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во северна македонија во 2023 година, Достапно на: efektot-na-dezinformaciite-mk-10-1.pdf Метаморфозис Фондација, 2023