Српскиот претседател Александар Вучиќ, видно загрижен и без ентузијазам, сепак се појави на Самитот во Тирана. Рече дека Србија ќе ја разјасни својата позиција пред лидерите. Вчера тој изјави дека можеби нема да дојде во Тирана во знак на спротивставување на назначувањето на Ненад Рашиќ за шеф на Министерството за заедници минатата недела од страна на премиерот на Косово, Албин Курти.

Advertisements

„По консултациите што ги имавме во државата, решивме да дојдеме и да разговараме за сите прашања. Имаме можност овде барем да кажеме што мислиме за тоа. Остануваме ангажирани во процесот на дијалог и во процесот на преговори со ЕУ, но во исто време треба да го заштитиме националниот и државниот интерес во согласност со нашиот Устав“, рече Вучиќ.

Косовската претседателка Османи пред почетокот на средбата изјави дека Самитот во Тирана не е место за дијалог меѓу Приштина и Белград, но изјави дека поддржуваат тој да продолжи.

„За жал, Вучиќ е продолжение на менталитетот што постоеше во Србија во ‘90-тите години, а токму тој менталитет ја предизвика војната, уништувањето и убивањето на 150.000 цивили. Овој менталитет треба сите да го отфрлат. Она што Косово го покажува деновиве е спротивно на Вучиќ, подавајќи рака за соработка и покрај тоа што никогаш не се извинија за злосторствата кои ги направија. Сметаме дека дијалогот предводен од ЕУ и целосно поддржан од САД е единствениот пат што треба да го следиме за конечен договор заснован на заемно признавање“, рече Вјоса Османи, претседателка на Косово.

Домаќинот на средбата, албанскиот премиер Еди Рама изјави дека дијалогот нема да биде лесен.

„Би сакал ЕУ да ја има оваа магија, но тоа нема да се случи. Тешко е и ќе треба време, но дозволете ми да кажам дека Западен Балкан никогаш не бил подобар во својата историја, а особено Албанците и во Албанија и во Косово и на други места, никогаш не бил подобар во нивната историја“, рече Рама.

Ова е историски момент за постигнување договор меѓу Косово и Србија, порачаа од ЕУ. Шефот на европската дипломатија, Борел рече дека страните имаат предлог в рака за кој треба да разговараат.

„Ова е важен момент откако заврши договорот за регистарските таблички. Сега треба да се ангажираат, навистина да се вклучат во дијалог за предлогот што е ставен на маса со силна поддршка на Германија и Франција. Последниот текст беше испратен вчера до Белград и Косово и тие сега треба да почнат дискусии, сериозни дискусии, бидејќи ова е момент со голема можност“, рече Борел.

Паралелно со случувањата во Тирана, косовскиот премиер Албин Курти во Приштина се сретна со претставникот на ЕУ во дијалогот, Мирослав Лајчак, кој рече дека очекува средбите да продолжат за неколку недели.

„Процесот на нормализација ќе започне за неколку недели, а потоа ќе биде во рацете на двете страни. Не сакаме да го одложуваме или одолговлекуваме процесот. Овој момент е вистинскиот, тука е, но нема да биде тука засекогаш. Не сум добар со роковите, но би рекол до март ќе видиме до каде стоиме, колку напредуваме и каде оди овој процес“, рече Лајчак.

Владата на Курти му соопштил на Лајчак дека се при крај со подготовката на документите за апликација за членство на државата во Европската унија.

Фатлуме Дервиши