Откако синоќа беше соопштено дека Валтери Ботас заминува од Мерцедес и се сели во Алфа Ромео, попладнево беше потврден неговиот наследник. Младиот Џорџ Расел ќе добие шанса да покаже што умее во болидот на „сребрената стрела“.

Финецот заминува од Мерцедес каде беше од 2017 година, а германскиот тим ќе добие британски тандем откако Расел ќе го напушти Вилијамс за да се пресели во тимот предводен од Тото Волф.

„Ова е специјален ден. Одушевен сум што ќе се приклучам на Мерцедес, бидејќи ова е голем чекор во мојата кариера. Чест ми беше што бев дел од Вилијамс, тим со голема традиција.

Валтери ја постави „летвичката“ високо, од недела в недела возеше одлично, со победи, подиуми и пол-позиции. Ќе возам заедно со најдобриот на сите времиња. Луис ми беше пример уште од моето време во картинг трките. Сега, имам уште девет трки со Вилијамс, па потоа ќе се насочам кон новиот предизвик“, изјави Расел.

23-годишникот дебитираше во Формула 1 во 2019 година, а на спорната трка во Белгија дојде и до првиот подиум во кариерата. Расел е огромен талент и со сигурност ќе биде конкурентен во болидот на Мерцедес.