Од денес на домашно лекување одат деветмина пациенти, кои се лекуваа на скопските клиники по пожарот во Кочани, а дома се враќаат осуммина, кои беа на лекување во странство. Министерот за здравство Арбен Таравари денес рече дека утрово во нашите болници имало вкупно 24 пациенти повредени во пожарот, а со денешните исписи на лекување ќе останат само 15 и оние што се на лекување во странство.
„Надвор од државата во моментот се лекуваат 108 пациенти. За денес се најавени осуммина пациенти кои се враќаат, од кои двајца се во Белгија, двајца во Австрија, двајца во Турција и двајца во Хрватска. Практично, утре ќе останеме со бројка од 100 пациенти и еден пациент во Шведска веќе е сместен во хотел, значи продолжува со дневна болница и само повремено ќе оди додека дефинитивно не го испишаат и него и да се врати“, рече министерот Таравари.
Сите пациенти се во добра и стабилна состојба, освен четворица, кои беа критични и остануваат во критична состојба.
„Кога велам критични, денес се малку подобри вестите, оние што беа во критична состојба денес се малку подобро отколку што беа вчера, но сѐ уште се во релативно тешка здравствена состојба“, рече министерот Таравари.
Секојдневно здравствените власти добиваат известувања од странство дека сѐ повеќе пациенти се екстубираат, се пренесуваат на одделенија за лекување, а има и такви што се оперираат, главно од пластични хирурзи.