Деветгодишниот Никола од Скопје е првото дете-донор на периферни матични клетки во Македонија кои ќе бидат искористени за лекување на неговата 15-годишна сестра која боледува од леукемија.
„Мора да ја спасам сестра ми“, им велел Никола на лекарите и сестрите од Клиниката за хематологија во Скопје додека четири часа бил врзан за машина, пренесува СДК.мк.
„Никола е нашата ѕвезда со насмевка“, вели директорката на Клиниката за Хематологија д-р Ирина Пановска – Ставридис. „Три пати му беше извртен целиот волумен на крвта за се извлечат матичните клетки што значат живот за неговата сестра“ вели д-р Ставридис, чиј тим, зааедно со тим од Детската клиника за прв пат во Македонија примени процедура со која отсега и децата ќе може да даруваат матични клетки за да ги спасат своите блиски. До сега ваквите интервенции се правеа само во странство.
„За првпат кај нас, дете беше ставено на машина за од него да се извадат периферни матични клетки и да бидат искористени за третман на неговата сестра која боледува од акутна леукемија. Трансплантацијата на матични клетки е единствен спас за пациентите со акутна леукемија“, вели директорката за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Министерот за здравство. Венко Филипче денеска го посети Никола.
Денеска го запознав деветгодишниот Никола, голем херој и инспирација за сите нас. ❤️ Тој е донатор на матични клетки за неговата сестра на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки. Процедурата афереза на периферни матични клетки, во која донатор е дете, се изведува за прв пат кај нас на Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за педијатрија. Со оваа соработка меѓу двете Клиники се отвора можност и педијатриски пациенти да бидат лекувани со најсофистицирани медицински интервенции. Сега пациентите нема да патуваат во странство, а и децата ќе може да спасуваат животи на членови на нивните семејства. На Клиниката за хематологија, во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите беа праќани за третман во странски центри. Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. За оваа заложба, посветеност и екпертиза му честитам на медицинскиот тим предводен од проф. д-р Ирина Пановска Ставридис и на шефот на Одделот за трансплантација на матични клетки д-р Александра Пивкова Вељановска – напиша тој на својот фејсбук профил.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.