Германија, Австрија, Ирска, Грција, Хрватска, Словенија, Чешка, Словачка и Романија бараат Западен Балкан да се врати на агендата на Унијата на состанокот на Советот за надворешни работи во април

Министрите за надворешни работи на девет земји-членки на Европската Унија (ЕУ) со писмо до шефот на дипломатијата ЕУ, Жозеп Борел, бараат итно враќање на Западен Балкан на агендата на ЕУ односно предлагаат на еден од следните состаноци на Советот за надворешни работи на дневен ред да биде стратешка дискусија за регионот.

„Веруваме дека е крајно време да погледнеме стратешки на Западен Балкан. Многу работи се сменија од нашата последна дискусија во август 2019. Имаше динамичен политички развој во земјите од овој регион. Дополнително, пандемијата ги влоши постоечките трендови вклучувајќи ги и геополитичките импликации. Други актери се подготвени да настапат во регионот, честопати на наша сметка. Додека ЕУ мобилизираше голема поддршка за регионот, други актери беа поефикасни во презентирањето на нивната поддршка поткопувајќи ја довербата во нас, кредибилитетот и перцепцијата на нашата солидарност“, пишуваат деветте шефови на дипломатиите.

Тие понатаму потенцираат дека треба да се разговара како Унијата треба да одговори на случувања во регионот и на зголемената активност на трети страни. На крајот додаваат и дека САД се подготвуваат повторно да играат поголема улога на Западен Балкан, а ЕУ треба да биде рамо до рамо со нив како клучен партнер.

„Нашата политичка дискусија за Западен Балкан се чини дека е веќе задоцнета и затоа треба да биде дел од состанокот на Советот за надворешни работи во април“, пишува во писмото.
Писмото испратено на 5 март, е потпишано од шефовите на дипломатиите на: Австрија – Александар Шаленберг, Хрватска – Гордан Грлиќ Радман, Чешка – Томаш Петшичек, Германија – Хајко Мас, Грција – Никос Дендиас, Ирска – Симон Ковни, Романија – Бодан Ауреску, Словачка – Иван Корчок и Словенија – Анже Логар.