Детскиот интернационален фестивал ,,Гроздоберче” по 27 пат распиша конкурс за нови солисти, информираше денеска уметничкиот директор, Зоран Станоев – Дејзи.
– Зад нас се години поминати со песна, радост, дружење, едукација во областа на музиката. Вообичаено, секоја фестивалска година имаме по 15 – 18 солисти. Во хорот се стотина, а во балетските групи околу 150 деца. Изминатиов период, на фестивалската сцена имаат учествувано вкупно околу 4.200 учесници, солисти, водители, хористи и учесници во балетските групи. Редовно, покрај од државава, имаме и странски претставници солисти. Нашите учесници редовно освојуваат награди во земјава и странство. Фестивалот е и расадник за млади таленти. Многумина што се дел од него, подоцна стануваат реномирани естрадни музички уметници, појасни Станоев за МИА.
Тој најави и новитет во интернационалниот дел, проектот ,,Европа во мало во нашето маало”, со учесници од 10 европски држави.