По40 години, извршена е темелна реконструкција на главната кујна на детската градинка „Срничка“ што се наоѓа во објектот „Чекорче“ во Општина Аеродром.

В.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска беа во посета на градинката и извршија увид во обновениот простор.

„Станува збор за многу значаен проект, затоа што во кујната секојдневно се подготвува храна за сите шест клонови што припаѓаат на градинката „Срничка“ во која се згрижени речиси половина од дечињата во Аеродром“, велат од општината.

Реконструкцијата, опфати промена на плочките, рушење на одредени ѕидови, промена на водоводната мрежа и целосна замена на електричната инсталација, како и други градежни активности финансирани од Општина Аеродром, а со средства од Светската банка, кујната е опремена со целосно нова и современа апаратура, како и друга потребна опрема. Вкупната сума за обновувањето на кујната е во висина од 6,5 милиони денари.

Современите апарати и другата софистицирана опрема, во голема мера ќе им ја олеснат и работата на вработените во кујната, кои неуморно и со голема љубов подготвуваат топли оброци за дечињата кои се згрижени во „Срничка“.