Дванаесетгодишниот син во петчленото семејството Рајчиноски во струшко Мислешево, кој има лесна попреченост во развојот, ќе биде згрижен во Посебното основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Ново Село, Струмица. Интервенцијата на надлежните служби доаѓа откако САКАМДАКАЖАМ.МК на 2 мај објави дека Илче Рајчиновски и неговата сопруга секојдневно се соочуваат со здравствените проблеми на најмалиот син Јован и бараат институциите итно да преземат нешто, зашто повеќепати ги одбиле за прием в болница.
Од Центарот за социјални работи во Струга комплетно ја завршија постапката и целокупната документација со што Јован ќе може да посетува настава во Посебното основно училиште во Ново Село, а ќе биде згрижен во интернатот кој е во склоп на самото училиште.
Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Струга Мевмед Халили вели дека сместувањето во ваков тип училиште е најсоодветна форма на заштита за Јован, бидејќи напоредно со задолжителната настава установата нуди сеопфатен, едукативен и социјален третман како и воннаставни активности кои се значајни за неговиот понатамошен развој.
„Договорено е со училиштето да нè чекаат в среда. Јован одреден период ќе биде под опсервација од службите во училиштето, по што се надевам дека од септември ќе биде запишан и прифатен во образовниот процес на ова основно училиште. Сместувањето е во интернат, условите се добри. Добро е што изнајдовме едно вакво решение кое е најсоодветна форма на заштита“, вели директорот Халили.
Во посебното основно училиште „Св. Климент Охридски“ во Ново Село посетуваат настава 50-тина деца со посебни потреби, а дел се со постојан престој во интернатот кој располага со 12 соби.
Директорот Звонко Ангелов вели дека училишниот тим од дефектолози и педагози најпрвин ќе го следи однесувањето на Јован, по што ќе се донесе одлука за негово згрижување.
„Она што во моментов го знаеме е дека детето е хиперактивно и дека има елементи на аутизам, но сепак треба да ја оцениме неговата состојба. Моментално, во интернатот имаме згрижено 25 деца од целата територија на државата. Другите деца си патуваат. За време на распустот децата си одат дома. Моментално се работи по нова програма прилагодена за вакви дечиња, а правиме и интерна програма прилагодена според можностите на секое дете. Социјализацијата за вакви деца е најважна и се надеваме дека Јован ќе се вклопи во целиот процес“, вели Ангелов.
Семејството Рајчиноски живее во сиромаштија, а родителите на Јован на почетокот на месецов јавно проговорија за проблемот со кој се соочуваат. Таткото Илче тврдеше дека болното дете двапати им ја пали куќата, а институциите не преземаат ништо за негово згрижување.
„Куќата ја запали повторнo. За среќа брзо го изгаснавме пожарот, беше фатен само креветот и дел од покуќнината. До сега двапати нè запали. Го носев детето на Психијатрија, но не ми го примаа. Лекарот ми кажа да му давам таблети, но не се смирува. Агресивен е често, ни помагаат роднини. Треба институциите да преземат нешто. Ние не можеме повеќе да се справиме“, кажа тогаш Илче.
И неговата ќерка Дукадинка е со пречки во развојот. Таа е хероината врз која е направена трансплантација на бубрег во 2011 и до ден денес живее без помош на апаратите за дијализа. Дукадинка има потреба од дополнителни лекарства и посебна исхрана за да не го изгуби бубрегот кој ѝ го донирала мајка ѝ. Трошоци има и за лекарските прегледи и анализи кои редовно треба да ги прави.
„Живееме од една плата, ги молам сите кои можат и сакаат да помогнат. Имам и кредит кој го зедов за да можам да ги подмирам трошоците за Дукадинка. Роднините ми помагаат колку можат, но навистина е многу тешко да се преживее“, кажа тогаш Илче.