Во првите три месеци од годинава се потпишани договори со три странски компании со вкупен износ од 50 милиони евра, а во тек се преговори за уште 15 нови инвестиции кои тежат 250 милиони евра. Канадската МАГНА која ќе гради нова фабрика во ТИРЗ Струга е третата нова инвестиција за годинава, и иако поради пандемијата нивните претставници го одложија доаѓањето договорот сепак е потпишан, најави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
Како што изјави тој во гостувањето во Сител Тв во „Тема на денот“ ги потикнале странските компании да инвестираат.
-Тоа се инвестициски проекти кои вкупно тежат околу 250 милиони евра и со кои се предвидува отворање на дополнителни 5500 работни места. Со овие компании разговараме во моментов и можам да кажам дека добар дел од нив веќе се во фаза во која подготвуваме одредени симулации за тоа што компанијата може да очекува како поддршка од државата што е чекор пред склучување на договор. Секоја работа сакам да ја водам со предизвик, амбиција, но и оптимизам кој се базира на реални бројки. Јас сум реален оптимист и можам да кажам дека годинава ќе биде позитивна, изјави Деспотовски синоќа во „Тема на денот“ на Сител телевизија.
Деспотовски истакна дека пандемијата покажа дека фокусот само на еден сектор е ризик, како примерот со автомобилската индустрија кај нас, поради што ТИРЗ ја менува политиката и се отвора кон привлекување инвестиции и од другите сектори. Тој потенцираше дека две од компаниите со кои се разговара се од фармацевтската индустрија, која како што рече, носи и поголема додадена вредност – повеќе средства во буџетот и повисоки плати.
-Едната е инвестиција во 9 цифри, односно повеќе од 100 милиони евра. Ако го задржиме трендот, а имаме амбициозна агенда и амбициозен работен план којшто веќе го реализираме, слободно можам да кажам дека во мојот тековен мандат можеме да стигнеме и до 1 милијарди инвестиции во ТИРЗ. Исто толку е направено за 20 години, а ние целиме да го направиме за 4. Наша цел се и нови работни места, па ако за 20 години се отворени 14.000, во следните 3 години оваа бројка двојно да ја зголемиме. Јас верувам дека овие бројки се достижни, нагласи Деспотовски.