Извештајот на ЕУ за напредокот на секоја земја кандидат за членство е „сведителство” со оценки за институциите. Делот на извештајот за судство во најголем дел е оценка за работата на Министерството за правда и Судскиот совет во изминатата година. А таа оценка, никој немаме дилеми дека е објективна. Taa најреално зборува за нашите успеси и неуспеси, а не како ние се гледаме во огледало или како нашите претходници, следбеници или политички конкуренти не гледаат или оценуваат нас, напиша на Фејсбук професорката и поранешна министерка за правда Рената Дескоска.
Таа вели дека искрено посакува секој нареден извештај да е подобар од претходниот, или барем да покажува дека има одреден напредок, дека нема застој во реформите, дека одиме напред.
-За жал, тоа не е случај во делот на судството. Ако ги споредиме извештаите од 2019 година до денес можеме да ги прочитаме следните оценки за реформите во судството: 2019 година – добар напредок, 2020 година – добар напредок, 2021 година – одреден напредок, 2022 година – одреден напредок, 2023 година – нема напредок, напиша Дескоска.
Ова, според неа, треба да го вклучи алармот во Министерството за правда и Судскиот совет за преиспитување на својата улога во надминување на состојбите. И барањето на решенијата, како што потенцира Дескоска, не треба да биде во стилот на „префрлање на топката на одговорност”.























