Актуелниот директор на Дирекцијата за ТИРЗ и долгогодишен член на СДСМ, Јован Деспотовски размислува за кандидатура за претседател на СДСМ.
Тој вели дека сериозно размислува за кандидатура, а верува дека, по 25 години поминати низ повеќе структури во партијата и покажани реални резултати, може да понуди нов концепт кој ја обединува не само партијата туку и сите сограѓани со кои делат заеднички вредности.
„Овој потег носи сериозна одговорност и големи предизвици. Ги правам последните анализи и консултации со семејството по што ќе ја донесам конечната одлука, додава Деспотовски.
Прашан за коментар за кандидатурата на Фросина Ременски и Димитар Ковачевски за лидер на СДСМ, Деспотовски рече дека не би коментирал околу луѓе, туку смета дека треба да се дискутира каков човек и е потребен на партијата и како да им помогне на луѓето.
„Добро е што има повеќе кандидатури затоа што го покажува демократскиот капацитет на партијата и дека има луѓе што се подготвени во комплицирано време да понесат одговорност и се справат со предизвици. Мене само ме радува што има поголем број на кандидати за лидерското место во партијата, но не мислам дека дискусијата треба да се води за тоа кој, туку за тоа каков човек треба да биде и како да им се излезе во пресрет на луѓето, а не на партијата“, потенцира Деспотовски.
Инаку, досега кандидатура поднесоа заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски и екс пратеничката Фросина Ременски, а најава за кандидатура стигна и од екс организацискиот секретар на оваа партија, Миле Зечевиќ.