Според „Вреди“, дивата депонија во Струга, отворена во 2006 година како „привремено решение“, денес е претворена во една од најопасните депонии во Македонија.

Појаснуваат дека истата се наоѓа на само 500 метри од првите куќи на градот, исто толку оддалечена од реката Црн Дрим и помалку од 2 километри од Охридското Езеро – подрачје прогласено за светско наследство на УНЕСКО.

Секоја година, додаваат од оваа партија, таму се фрлаат повеќе од 40 илјади тони отпад, без стандарди и без контрола на видот на отпадот.

„Нивното горење ослободува чад, токсични гасови и тешки метали кои ја загадуваат почвата, воздухот и водите. Ова загадување не е невидливо – тоа секојдневно го чувствуваат граѓаните кои често не можат ни прозор да отворат навечер.

Според Институтот за јавно здравје, само во 2020 година во Струга се регистрирани 140 нови случаи на канцер – 83 жени и 57 мажи. Една година порано, на ниво на општина се евидентирани 701 нови малигни случаи. Овие бројки говорат за алармантна состојба.

Доколку депонијата продолжи да функционира на истиот начин, во наредните 5 години се очекува прогресивно зголемување на хроничните и малигните заболувања. Меѓународните студии покажуваат дека заедниците кои живеат во близина на вакви депонии имаат:
• 20–30% повеќе случаи на рак на бели дробови и дојка;
• значително зголемување на респираторните заболувања кај децата;
• раст на неплодност, спонтани абортуси и проблеми во развојот кај новороденчињата;
• и зголемена вкупна смртност за 10–15%“.

Ако не се преземат мерки, Струга, истакнуваат од „Вреди“ ризикува во следните пет години да регистрира стотици нови случаи на канцер секоја година и да се претвори во црна здравствена точка во регионот.

Оваа состојба, како што оценуваат, повеќе не е само локален или естетски проблем. Таа, според „Вреди“ претставува сериозна закана за животот, за јавното здравје, за туризмот и за самото светско наследство кое со гордост го штитиме.

„Овој отров не е само последица на негрижа – тој е последица на погрешни и намерни политички одлуки. Депонијата е поставена и продолжува да постои под локалната власт на Општина Струга и со поддршка на власта на ДУИ, со градоначалникот Рамиз Мерко. Повеќе од 18 години овој проблем се покрива со молк, жртвувајќи го здравјето на граѓаните за тесни политички и финансиски интереси.

Ние итно бараме:
• затворање и санација на депонијата,
• создавање на стандарден систем за управување со отпад,
• и заштита на граѓаните на Струга од овој секојдневен отров.

Во спротивно, молкот на институциите денес значи болест, а утре смрт“.

Текстот Депонијата во Струга е една од најопасните, ако не се преземат мерки, ќе биде црна точка по бројот на заболени од канцер, велат од „Вреди“ е превземен од МАКФАКС.