Европската унија денес започна со масовна вакцинација на своите граѓани, еден ден откако пристигнаа првите контингенти на вакцини во сите нејзини членки. Некои земји започнаа да вакцинираат во раните утрински часови – во Хрватска, вакцините се дистрибуираа под силна полициска придружба, а во Чешка, првата вакцина ја прими премиерот на таа земја. Првите дози ширум ЕУ во повеќето случаи ги примале жителите на домовите за стари лица.

Австрија

Вакцинацијата против коронавирусот започна во Австрија утринава. Првата вакцина со директен пренос на јавниот сервис ОРФ, на Медицинскиот универзитет во Виена, ја прими Терезија Хофер и, како што беше објавено, по неа уште две жени и двајца мажи, сите ризични пациенти на возраст од 80 до 93 години. Првата вакцинирана личност во Австрија, 84-годишната Хофер, рече дека се одлучила за вакцината затоа што сака повторно да ги види внуците и правнуците.

Вакцинацијата почна и во Словенија

Веднаш по пристигнувањето на првиот контингент од 9.750 дози вакцина Фајзер / Бионтек во Словенија, денес започна вакцинацијата во домовите за стари лица низ целата земја. По пристигнувањето на првите дози, вакцините беа испратени до Националниот институт за јавно здравје, од каде ќе бидат дистрибуирани до локалните здравствени центри, кои ќе вршат вакцинација во домови за стари лица, пренесува СТА. Вакцината први ја примија пензионираниот архиепископ Франц Крамбергер, Анѓелка Бутенко и Јоже Пелко.

По вакцинирањето на одделенијата и вработените во домовите за стари лица, вакцинирани ќе бидат и медицинските работници кои се најмногу изложени на ризик од инфекција

Чешка

Вакцинацијата на граѓаните во Чешка со првите 9.750 дози вакцина Фајзер / Бионтек започна денес, а премиерот Андреј Бабиш беше првиот вакциниран во Централната воена болница во Прага.

„Вчера ја примивме вакцината од ЕУ и се надевам дека ќе се вратиме во нормален живот“, рече Бабиш, пренесува Ројтерс.

Веднаш по премиерот, вакцинирана е Емилија Репикова (95), ветеран од Втората светска војна.

Хрватска

Вакцинацијата против коронавирусот со вакцината на Фајзер / Бионтек започна во Хрватска денес, а првиот што ја прими вакцинацијата беше 81-годишната Бранка Аничиќ, корисник на домот за стари лица во Трежњевка. На почетокот на вакцинацијата присуствуваа хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, министерот за труд Јосип Аладровиќ и директорот на хрватскиот институт за јавно здравје Крунослав Чапак. Аничиќ по вакцинацијата изјави дека не чувствува ништо и ги повика сите да се вакцинираат.

Италија

Утрово три лица први во Италија се вакцинираа против ковид-19, со вакцината Фајзер/БионТек, пренесува агенцијата Анса. Една од нив е директорка на лабораторијата во Националниот институт за инфективни болести, професорката Марија Росарија Капобијанки. Откако ја прими вакцината, таа изјави дека се чувствува одлично и дека „волонтирала за да биде меѓу првите кои се вакцинираат со цел да испрати порака до граѓаните дека треба да имаат доверба во науката“.

По повод симболичниот почеток на вакцинацијата против ковид-19, италијанскиот премиер Џузепе Конте преку Твитер изјави „дека ова е историски ден и дека вакцината ќе овозможи конечна победа над вирусот“.

Франција почна со вакцинација

78-годишна жена во дом за стари лица северо-источно од Париз, во еден од најсиромашните региони, е прва во Франција која ја прими вакцината против  коронавирусот, во процесот на вакцинацијата во земјите на ЕУ што започна денес.

По неа, се вакцинирал и 65-годишен кардиолог, а на списокот на француските здравствени власти за денеска се најдоа околу 20 постари лица и здравствени работници. Подоцна вакцинацијата продолжи и во друг дом за стари лица, во Дижон. Владата се надева дека до летото 2021 ќе може да вакцинира до 27 милиони од 67 милиони жители.

Германија

Спроведувањето на кампањата за вакцинација против коронавирус во Германија е одложено во неколку градови во Баварија, бидејќи медицинскиот персонал откри потенцијални неправилности во процесот на ладење на вакцината, произведени од Pfizer и BioNTech.

„При отчитувањето на дневникот на температурите, кои биле затворени во термо кутиите, се појавиле сомневања во исполнувањето на барањата на студениот синџир“, објави округот Лихтенфелс, на северот на најголемата германска сојузна покраина Баварија.

Се очекува дека до крајот на годината, сите земји-членки на ЕУ ќе започнат вакцинација против коронавирус. Европската унија пријави повеќе од 335 000 смртни случаи поврзани со коронавирусот од почетокот на пандемијата.