Градоначалникот на Нови Сад, Милош Вучевиќ, изјави дека главниот град на Војводина ќе го прогласи денот на погребот на пејачот и текстописец Ѓорѓе Балашевиќ за Ден на жалост, јави допсиникот на МИА од Белград.
Вучевиќ за ТВ Хепи изјави дека семејството Балашевиќ ќе соопшти кога ќе биде организиран погребот на Балашевиќ.
-Ги изгаснавме светлата во Градското собрание за да изразиме болка и тага со семејството. Ова е тежок момент, пред сè за семејството Балашевиќ, потоа за целиот град, држава и регион. Нови Сад сигурно нема да биде ист по неговата смрт, нагласи Вучевиќ.
Балашевиќ почина вчера во Клиничкиот центар на Војводина како последица на пневмонија.
Тој доби бројни награди за својата работа, а исто така беше назначен и за амбасадор на добрата волја на УНЕСКО. (МИА)