Инфраструктурата, транспортот и енергетиката беа во фокусот на денешната средба на премиерите на Бугарија и Грција. Академик Николај Денков и Киријакос Мицотакис, кои одржаа тет а тет средба во Атина, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Бугарија и Грција имаат одлични стратешки односи, изјави бугарскиот премиер. Тој ги истакна проектите од интерес за двете земји, вклучително и во контекст на развојот на вертикалната транспортна и енергетска поврзаност долж оската Север-Југ. „Постојат можности да се забрзаат и финализираат некои од документите за кои се разговара во следните неколку месеци. Главната цел е да видиме како ќе го забрзаме напредокот и ќе постигнеме конечни резултати во наредните месеци“, нагласи академик Денков.

Кирјакос Мицотакис даде приоритет на поврзувањето меѓу Грција и Бугарија во транспортот, енергијата и дигиталната комуникација. „Важно е да се надоврземе на успешните трилатерални дискусии што ги одржавме во Евксиноград со нашите романски партнери“, нагласи грчкиот премиер. Денешната посета на академик Денков на грчката престолнина е неполни три месеци по трилатералната средба меѓу премиерите на Бугарија, Грција и Романија, што се одржа во Евксиноград Бугарија. Тогаш премиерите се осогласија околу идејата за заедничка работа за зајакнување на регионалното поврзување и усвоија заедничка декларација за развој на транспортот, енергетиката и дигиталното поврзување меѓу трите земји.

Премиерот на Грција и честиташе на Бугарија одлуката на Советот на Европската Унија за влез во Шенген зоната по морски и воздушен пат од март годинава. „Очекуваме Шенген да биде целосно применлив, вклучително и за копнените граници, кои се толку важни за нашите билатерални односи и економската трговија“, додаде Мицотакис. Тој посочи дека посетата на академик Денков е прва официјална посета на странски државник во Грција за 2024 година и тоа зборува за квалитетот на билатералните односи.

По средбата меѓу двајцата премиери, беше одржан работен ручек, на кој присуствуваа вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел, министерот за финансии Асен Василев, министерот за животна средина и вода Јулијан Попов и министерот за енергетика Румен Радев.